ИНТЕРВЈУ, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Правосудството е метастазирано, реформите се само „шминка”!

695

Правосудството е метастазирано и е невозможно да се лекува со обична терапија. Потребен е длабок и коренит рез, кој ќе го зафати сето заболено ткиво. Потребна е само политичка волја, која кај нас ја нема, а ја нема затоа што секоја власт е длабоко свесна за моќта на обвинителската функција и судската власт и многу добро знае како да ги искористи во справување со своите опоненти или неистомисленици, претворајќи ја политичката пресметка во судска постапка, вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, познатиот адвокат Звонко Давидовиќ. Со него разговаравме на многу актуелни теми како што е отворената војна меѓу Русковска и Муареми, за затворскиот туризам, за предметите кои траат со години…, на кои одговара во негов стил, отворено, недвосмислено и без ракавици.

Елизабета АРСОСКА

Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ

Македонското судство одамна е на стаклени нозе. Битката со организираниот криминал, но и реформите на македонското правосудство постојано се цел на критики. Може ли правосудството да созрее, на пример, со лустрација?

Долги години се зборува за македонското правосудство и за неговата катастрофална состојба, за што сериозни забелешки имаа и меѓународните експерти и меѓународните институции, кои јасно и прецизно ги дијагностицираа проблемите и деформациите. За жал, ниту постои волја ниту желба правосудството, а со него и судството, вистински и коренито да се реформира. Причините за тоа се многубројни и длабоки, но една од основните е исклучително високиот степен на исполитизираност, огромното влијание на извршната власт врз правосудството, со комплетна доминација на извршната власт врз судската, која тешко и да може да се нарече власт и покрај уставните определби, но и уставните и законски гаранции за истото. Во прашањето констатиравте дека постојана цел на критики се борбата со организираниот криминал и судските реформи. Морам да Ве исправам, судски реформи не постојат и не се спроведени, а она што се нарекува судска реформа е „шминка“ со која извршната власт мисли дека ќе ја разубави состојбата и ќе може некому да прикаже дека се спроведуваат реформи. Но, толку наивни нема. Она што се прави се само зборови без дела и не е политика, туку е политиканство и популизам.

Правосудството е метастазирано и е невозможно да се лекува со обична терапија. Потребен е длабок и коренит рез, кој ќе го зафати сето заболено ткиво. Лустрацијата не е еден од начините, како што не е ниту ветингот, ниту проветрувањето, ниту метлата за чистење, предлози кои беа смешни и покажуваа колку се далеку нивните предлагачи и од реалноста и од познавањето на состојбите во правосудството. Потребна е реевалуација на работата на секој судија и обвинител поединечно, утврдување на начинот на нивното постапување во согласност со законот. Тоа не е тешко, ни невозможно да се направи, потребна е само политичка волја, која кај нас ја нема, а ја нема затоа што секоја власт е длабоко свесна за моќта на обвинителската функција и судската власт и многу добро знае како да ги искористи во справување со своите опоненти или неистомисленици, претворајќи ја политичката пресметка во судска постапка.

Не треба да барате многу далеку од нашите граници за да најдете примери за добар почеток на реформите во судството и негово воскреснување. Албанија е еден од примерите каде што се почна со утврдување на потеклото на имотот на судиите и на обвинителите. Добар дел од судиите сами дадоа оставка, знаејќи дека нема да ја поминат постапката за утврдување на потеклото на имотот. Ваквите оставки и неприфаќање на утврдување на потеклото на имотот ви се добар основ и индиција дека нешто не е во ред и дека некакви сомнителни дејствија во текот на работењето на таков судија, секако, имало. Секако, добар пример е и примерот на обвинителката Ковеси.

Веќе научивме дека, на интервали, јавноста се занимава со многу сериозни скандали, кои траат како во поговорката дека секое чудо е за три дена. Во моментов, „чудото“ е отворената војна меѓу Русковска и Муареми. Како гледате на оваа ситуација?

Она што се случува со Вилма Русковска како јавен обвинител кој раководи со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, е токму последица на разнебитеноста на правосудниот систем, комплетната исполитизираност и заробеност на институциите, непочитувањетп на законот и надлежностите дадени во законот и недопирливоста на определени луѓе, кои сметаат дека се над законот.

Судиите и обвинителите постојано негираа дека има каков било политички притисок врз нив, иако истото беше повеќе од очигледно. Истото го правеше и Обвинителството и оваа обвинителка, а во јавноста ги слушавме снимките како се договараат избори на судии на партиска координација и како за тоа тогашната претседателка на Судскиот совет му реферира на премиерот. За потсетување е времето кога премиерот излегуваше на телевизија, па во јавните дебати и интервјуа, од партиската говорница му ги соопштуваше на народот резултатите од истрагите што беа во тек токму во ова Обвинителство и како лицитираше со казни на неподигнати обвиненија. Сите истраги се тајни и информациите што ги даваше тогашниот премиер можеа да дојдат само од изворот, а тоа е Обвинителството, што покажува дека Обвинителството му реферирало на премиерот, кој е извршна власт за сите поединости од истрагите. Тоа е кривично дело, но кој да го покрене, против кого, кога токму тој што треба да ја води постапката е замешан во истото. Протекуваа информации од истраги, јавно се објавуваа записници од истраги, а сето тоа е тајна и Обвинителството ниту нешто презема ниту имаше намера да преземе. Тоа, меѓу другото, ја покажува неговата позиција во однос на извршната власт, но и некадарноста и разнебитеноста на институцијата. За потсетување се и јавните закани што им ги упати овој обвинител на судиите на Апелациониот суд, вршејќи притисок и влијание на нив за донесување определена одлука поврзана со притворски предмет.

За вакво нешто, истото ова Обвинителство ги гонеше луѓето во предметот „Ликвидација“ и покрај тоа што истите немаа никакво влијание за разлика од обвинителката, а слично обвинение доби и Катица Јанева. Сигурно се сеќавате и на предметот за „крвавиот четврток“, каде што истата обвинителка имаше различни аршини за исти дејствија, на исто место, во исто време, па ги обвини луѓето, едни за учество во толпа, други за насилство, трети за тероризам. И кога на извршната власт ѝ потребаа пратенички гласови во Собрание за да помине предлогот за промена на името, обвинителката ѝ ги испорача со изготвување на Законот за амнестија, за кој се фалеше дека го изготвила и самата учествуваше во давањето мислење по поднесените барања за амнестија.

Тогаш обвинителката не се жалеше на политички притисок, затоа што ѝ одговараше таквата состојба и ситуација, но во мигот кога истата стана жртва на истиот тој притисок, слушаме плачлив повик за помош. Токму тој повик за помош потврдува не дали има политички притисок, што е очигледно, туку колкав е притисокот со кој дури ни обвинител што раководи со обвинителство за гонење  организиран криминал и корупција не може да се справи.

 

Што значи барањето помош на Рускоска од меѓународните институции? Дали на тој начин ја дерогира својата позиција или, пак, само ја прикажува вистинската слика на политички притисок врз работата на судските органи?

Барањето на Русковска за помош од меѓународни институции, амбасади, обвинители е уште пострашно од признанието за политичкиот притисок од извршната власт поради неколку причини. Прво, со ваквиот крик за помош ја покажува својата немоќ, но и колку е голема моќта на извршната власт. Второ, покажува колку се институциите заробени и политички запоседнати, и тоа институции надлежни да го гонат организираниот криминал и корупција, кои најчесто се јавуваат токму кај носителите на функциите кои во мигот вршат притисок, затоа што корупцијата не вирее кај обичните луѓе и на пазари, таа е во ходниците и институциите на власта. Како се очекува ваков обвинител кој не може да му одолее и да се справи со притисокот, да ги гони корумпираните функционери со сета моќ што ја имаат, навистина не е јасно и покажува колку е сериозна борбата против организираниот криминал и корупцијата, односно несериозна. Трето, покажува дека обвинителката не ги знае своите надлежности и не постапува според истите и дека тактизира штитејќи ги своите функција и кожа, а не словото на законот. Зошто го велам ова? Затоа што според законот, јавниот обвинител е должен да покрене постапка и да подигне обвинение таму каде што има докази за сторено кривично дело. Таа тврди дека докази има, дури се понуди дека ќе ги објави во јавноста, па е должна да покрене постапка против осомничениот. Таа не го прави тоа до денес, па е прашање на кое сите бараат одговор зошто?

Впрочем, Финансиската полиција е услужен орган на Обвинителството, кој само преку Обвинителството може да ги гони и реализира своите сознанија за сторено кривично дело. Ингеренциите на Финансиската полиција завршуваат со обезбедување докази за сторено кривично дело и таа, како орган, не може повеќе ништо да преземе, освен истите да му ги предаде на Обвинителството, кое понатаму ќе реши дали ќе гони некого или не. Зошто обвинител воопшто се расправа со некој што му е помошен орган, не ми е јасно, исто како што не е јасно од што тоа е повреден и навреден директорот на Финансиската полиција. Тој никогаш не кажа дека постои сомнение или има докази за корумпираноста на обвинителот, напротив, тоа го тврди обвинителот. Второ, посебно на Финансиската полиција и на нејзините функционери треба да им е јасно дека Обвинителството има законско право да изврши претрес секаде каде што смета дека ќе обезбеди докази и тука нема ништо спорно. Извршен претрес не значи автоматски и сомневање за сторено кривично дело, па не е јасно од што се плаши директорот на Финансиската полиција кога реагира вака на извршен претрес. Угледот и рејтингот на институциите сигурно не е, затоа што е познато колкав е рејтингот на институциите и довербата на народот, малку над нулата.

Кога Обвинителството не може да се справи со притисокот, што останува за обичниот граѓанин?

Граѓанинот и не е во состојба да се справи со притисокот и што е најлошо, не постои ниту институција на која може да ѝ се обрати, а уште помалку да добие помош или заштита. Граѓаните го знаат тоа и го гледаат, секојдневно се соочуваат со нефункционални и заробени институции, со сè погрубо и отворено кршење на нивните права и слободи од поединци или институции, и нема правна санкција за тоа. Токму затоа и е довербата во судството, Обвинителството, правосудството, воопшто, толку ниска, а една од причините за иселувањето на младите од земјата е токму ова.

 

Можеме ли да се справиме со корупцијата со постојниот потенцијал или ќе ни треба на помош некој тешкаш од типот на Лаура Ковеси?

Интересно е прашањето за потенцијалот. Прво потенцијалот, како бројка на обвинители што во мигот постапуваат по предметите, е поразителен, особено кога се има предвид нивната надлежност и обврска да спроведат и истрага. ОЈО во Скопје е десеткувано, а да не ви зборувам за обвинителствата во Свети Николе, Делчево, Крива Паланка и многу други. Најстрашно е што, во врска со ова, никој не размислува, ниту се секира, туку напротив, ги пензионира обвинителите, а не обезбедува природен прилив на обвинителски кадар. Покрај ова, законското решение само од Академијата за судии и обвинители да може да се регрутира судски и обвинителски кадар е погубно, што и се покажа во пракса. Ние се однесуваме како да сме најбогатата земја на светот, како да имаме кадар за наредните десетици години, па стручните соработници што се со години во обвинителствата и во судовите, не можат да станат обвинители или судии затоа што не можат да се запишат на Академијата од различни причини, а се исклучително стручни и потковани. Кадровската политика воопшто не се води сериозно и не се мисли на иднината, ниту се планира, туку работите ги решаваме ад хок, најчесто импровизирајќи. Оваа област не трпи импровизирање, туку бара сериозен пристап и долгорочно планирање затоа што е и темел на државата, но и бедем за заштита на човековите права и слободи и гарант за правна држава. Не помалку важно е што и заинтересираноста на младите е сè помала за овие позиции, што се должи на многу причини, а дел од нив се и положбата на Обвинителството, постојаните афери, начинот на именување, напредување и разрешување, непочитувањето на законите и заробеноста на државата, непостоењето правна држава и механизми за заштита на самостојноста на обвинителите, двојните стандарди и аршини при подигање на обвиненијата и недопирливоста на поединци.

Потенцијал, ако се мисли на чесни и стручни обвинители, има, но истите се маргинализирани и оставени во основните обвинителства без можност или изгледи за напредување. Свесни сте дека во сите сфери на општественото живеење, па и во Обвинителството, политиката е таа што ги диктира условите и ги поставува мерилата за напредување. А тие мерила не се стручност и способност, не се знаење и професионален кредибилитет, туку се послушност и полтронство, клиентелизам и медиокритетство. Сè додека основен услов и мерило не бидат квалитетот, знаењето и моралниот и професионален кредибилитет за избор и напредување на обвинителите и на судиите, состојбата ќе биде ваква каква што е.

Праксата кај нас покажува дека се водат постапки само против ексфункционери, односно многу е мал бројот на  функционери кои биле под кривичен прогон во време додека биле на функција. Се работи ли за селективна правда?

Точно е дека праксата покажала дека, главно, се водат предмети против ексфункционери, а на прсти можат да се избројат оние што одговарале додека биле на функција и токму тоа е еден од показателите колкаво е влијанието на политиката, политичките партии, особено извршната власт над судството. Но, тоа го покажува и начинот на пресметување со политичките противници и улогата на Обвинителството и судството во таа пресметка, како моќна алатка на извршната власт, но ја покажува и недопирливоста на носителите на јавни функции во мигот додека се на таа функција. Во исто време го покажува и клиентелистичкиот однос на правосудството кон извршната власт, да го испорачаат она што се очекува од нив или да не го испорачаат она што не се очекува од нив. Токму така се создаваат двојни аршини и селективна правда, токму така стануваат некои недопирливи, а законот за некои мајка, а за некои маќеа.

 

Во јавноста најголема прашина се дига околу т.н. затворски туризам. Како е можно осудени за организиран криминал да си го сменат местото на живеење за да можат да ја отслужат казната во отворениот затвор во Струга? Тука мислам на Мијалков, Камчев, Кичеец…

Прашината што се дигна околу „затворскиот туризам“ е добар пример за начинот на кој размислува јавноста и пример како  власта, сеедно која, ја спинува целата работа свртувајќи го вниманието од битните на помалку битните или небитните работи. Јавноста никогаш не дигнала врева зошто дел од функционерите во мигот кога се на власт, не одговарале или ако дигнале врева, тоа било „секое чудо за три дена“, по кое се заборава сè. Јавноста не се прашала зошто по поднесените кривични пријави против актуелни функционери нема никаква јавнообвинителска одлука, зошто дел од функционерите молкум се изземени од обвиненијата и судските постапки или зошто се организаторите помалку осудени од обичните извршители, зошто за еден ист настан се амнестирани само пратеници, а не и другите иако беше очигледно дека пратениците го повикаа народот внатре и му ги отворија вратите. Ќе ви посочам и примери. Таков пример е изгорената болница во Тетово, каде што само тројца треба да одговараат, таков е предметот со Катица и Боки 13, каде што одговараа само тројца, а секому му беше јасно дека сето тоа не може да се изведе и случи без амин на власта. Таков предмет беше и „Крвавиот четврток“, во кој организаторите добија тројно помали казни од, условно кажано, извршителите. Не реагира јавноста кога судењата на функционер на актуелната власт се закажуваат на два месеца, а сите други предмети се закажуваат на три дена. На тоа јавноста не реагира, ама реагира на нешто што со закон е дозволено и предвидено.

Законот дозволува промена на местото на живеење, и тоа е релативно лесна и брза процедура, забрана за тоа нема, а Законот предвидел дека секое лице ќе ја издржува казната според местото на живеење или престојување. Доколку законодавецот сметал дека ова не е дозволиво, требало да го смени законот, но сè додека така е пропишано во законот, тоа е дозволено и применливо.

Зошто затворот во Струга е толку „примамлив” за отслужување на затворската казна?

Зошто е затворот во Струга толку примамлив навистина не знам, можам само да претпоставувам. Мислам дека ниту еден затвор не е примамлив, но ако можете на извесен начин да избирате каде ќе поминете неколку години од својот живот, секако, ќе го изберете она за што сметате дека е похумано и почовечки. Условите во нашите казнено-поправни домови се катастрофални, нехумани, нечовечки и ова е генерална оценка на сите можни и домашни и меѓународни фактори. Самата хигиена, инфраструктура и правата на едно лице кое издржува казна се на најниско можно ниво и се спротивни на сето она што е предвидено како минимум услови што мораат да се обезбедат за луѓето кои ја издржуваат казната затвор. Нешто малку похумани се условите во некои од затворите, а и бројноста на осудените лица е помала. Секако, тука игра улога и безбедноста на осудените лица, која мора да се гарантира за да не ни се повторат немилите настани како со новинарот или со жената во тетовскиот затвор. Условите во затворите се една од горливите теми и проблеми на кои мора итно и сериозно да се поработи.

Како ексшефот на тајната служба, Сашо Мијалков, доби одложување на затворската казна за некоја недела? Кое е образложението?

Како што и кажавте самите, одложувањето на казната е само за две недели, што е незначително и во многу други случаи, тоа одложување било многу подолго. Законот предвидел дека секое лице може да поднесе барање за одложување казна за извесен период од различни причини кои ги наведува во барањето и доставува докази за истите, а за тоа решава судијата за извршување на санкции. Ова е редовна законска процедура, која е предвидена за здравствени, семејни и за други лични прилики на лицето кое е упатено да издржува казна и многу лица го ползуваат ова право.

Сведоци сме дека во македонското правосудство има предмети што траат со години. Дали е тоа намерно одолговлекување за да застарат или, пак, е поради слабата алка во Обвинителството, односно неможноста да се обезбедат доволно  докази за тие случаи?

Точно е дека има предмети што траат со години, што е недозволиво и е многу далеку е од концептот на правдата и правичноста. Причините за тоа се различни, зависно од фазата на постапката во која се наоѓа предметот, како и органот што постапува по истиот. Во одговорите на едно од прашањата веќе ја начнавме оваа тема, а тоа е надлежноста на Обвинителството согласно со Законот за кривична постапка и нивната екипираност. Согласно со ЗКП, обвинителот спроведува и истрага, нешто што порано го правеше истражниот судија, а покрај истрагата, истиот има обврска секој предмет да го преточи во јавнообвинителска одлука. Замислете истрага во која обвинителот треба да обезбеди докази од други институции на кои треба да им се обрати, да изврши претрес, да сослуша сведоци, да нареди вештачење, да го сослуша вештакот, да го распита обвинетиот. Ако подигне обвинение, истото треба да го напише, да ги приложи сите обезбедени докази и обвинението да го застапува пред суд. За сево ова треба време и тоа само за еден предмет, а обвинителите во работа имаат по стотици предмети. Овој проблем се мултиплицира ако се предлага притвор, а, секако, треба да се земе  предвид дека недостигаат обвинители и дека добар дел од обвинителските места се испразнети. По подигнатото обвинение постапува судот во различни фази, за што, исто така, треба време. Замислете предмет со десетици сведоци и десетици обвинети во кои секој од бранителите на секој сведок може да му поставува прашања. Исто така и на вештаците, па да се изведат материјалните докази, обвинетите да дадат секој своја одбрана, за сето тоа треба време. Потоа судијата треба да ја напише пресудата и да им ја достави на сите странки во постапката, а тогаш почнува да тече рокот за жалба. Одбраната, како и обвинителот, имаат право на жалба, жалбата преку Основниот суд се доставува до Апелациониот суд, кој треба да закаже јавна седница и да расправа по жалбите. Ако се укине донесената пресуда и предметот се врати на повторно судење и одлучување, се почнува одново, а времето тече.

Покрај ова, судовите имаат големи проблеми и со судиите поротници, кои ги има сè помалку, а без нив, судењето ниту може да почне ниту може да се одржи. Проблем се и просторните услови, само една судница во мигов може да послужи за судење на повеќе обвинети, па ако имате предвид дека има повеќе такви предмети, настанува проблем и со закажувањата на судењата во таа судница.

За долгогодишните судски постапки, секако една од причините е и необезбедување квалитетни докази од страна на Обвинителството, што ѝ овозможува на одбраната најлегално, согласно со законот, да ги искористи сите можности што ѝ стојат на располагање за оспорување на тие докази, што само го продолжува времето на судење.