Инспекторите на семинар нема кој да каже дали за „Блек фрајдеј“ попустите биле реални

Потрошувачите и оваа година се уверија дека попустите не се реални, бидејќи трговците првично ги зголемуваат цените на производите, па дури потоа ги намалуваат, па така и доаѓа дека и воопшто нема некој попуст. Од Државниот пазарен инспекторат добивме одговор дека инспекторите се на семинар и оти нема кој да ни каже дали имало или не неправилности и од кои трговци

139

Повеќето граѓани кои ги посетија продавниците низ градот за време на „Блек фрајдеј“ се согласуваат дека попустите во поголем дел од продавниците не биле реални. Трговците и овој пат ја искористија можноста да шпекулираат со цените.

Потрошувачите и оваа година се уверија дека попустите не се реални, бидејќи трговците првично ги зголемуваат цените на производите, па дури потоа ги намалуваат, па така и доаѓа дека и воопшто нема некој попуст. Низ продавниците во градот, во весниците и на интернет буквално не „бомбардираа“ со реклами со попусти кои се движеа од 10 до 80 отсто. Попусти имаше речиси на се и сешто, облека, обувки, бела техника, книги, па дури и на козметички третмани.

Во продавниците некои од вработените кои ги запрашавме кој производи се на попуст најчесто добивавме одговор дека на попуст се само два или три производи, а другите се продаваат по нормална цена.

Некои трговци одеа и дотаму што прво ги зголемуваа цените, па потоа за време на „Блек фрајдеј“ ги продаваа по првичната цена. Една потрошувачка вели дека сакала да купи капут чија првична цена била 5.000 денари, но решила да почека и истиот да го купи на попуст за „Блек фрајдеј“, но ништо од попустот.

-Капутот кој сакав да го купам беше 5.000 денари, но на етикетата таа цена беше сменета со нова цена од 7.000 денари и на него имаше 30 отсто попуст, што испаѓа дека сега капутот е повторно 5.000 денари. Срамота е вака да не лажат, вели Зорица од Скопје.

Од Државниот пазарен инспекторат побаравме одговор на нашето прашање дали имало измами со понудените попусти од страна на трговците за време на „Блек фрајдеј“ но не добивме одговор.

Оттаму само не информираа дека инспекторите не се на терен сите се на семинар во Дојран организиран од УСАИД и нема кој да ни каже дали имало неправилности за време на „Блек фрајдеј“.

Инаку казните за измамничко рекламирање за трговците се движат од 4.000 до 5.000 евра за трговецот. (А.С.)