Инспекторатот казни шестмина диви продавачи на ајварка која ја истуриле на тротоар

318

На повеќе места низ градот има остатоци од нелегални продавачи на земјоделски производи. Фотографиите на кои се гледаат остатоците од пиперки за ајвар на “Трета македонска бригада“, предизвикаа мноштво различни коментари од граѓаните, некои оправдуваат што на тротоари, а не на пазар се продаваат земјоделски производи, додека други сметаат дека казнувањето не е мерка за да се стави ред


Народната поговорка “Грижо моја премини на друг” во буквална смисла на зборот ја имаат сфатено повеќето нелегални продавачи на земјоделски производи.

На повеќе локации низ градот, како и пред Кванташки пазар, можат да се видат грди слики, какви што ги фотографирале надлежните од Инспекторатот на Град Скопје, а ние ги презедовме од нивната фејсбук-страница.

Фотографиите на кои се гледаат остатоците од пиперки за ајвар, предизвикаа мноштво различни коментари од граѓаните.

– Така е, браво, само напред, само тоа и го можете да удирате по најслабите, тие кои произведеното немаат можност да го извезат. Абе како не се засрамите, туку и гордо уште и објавувате. Има уште по некој нормален што може да ја процени ситуацијата, ако мислите дека на сите ни е до толку исперен мозокот и ќе ве тапшаме по раменцата за стореното – напиша скопјанката Фросина.

Од Инспекторатот на Град Скопје велат дека шестмина диви продавачи кои биле затекнати на лице место покрај булеварот „Трета македонска бригада“ се соодветно казнети.

Освен што се стационирани под надвозникот на железничката пруга, тие сериозно го загрозуваат јавниот ред и хигиената наоколу бидејќи оставаат големи количини смет зад себе.

– Изречени се шест казни, но проблемот не е решен, бидејќи тие кусо време по заминувањето на комуналните редари, се вратија на старите позиции – напиша Марија Зенделска.

Инспекторите викендов имаа полни раце работа

Во атарот на село Бардовци од страна на инспектор од градскиот комунален инспекторат е лоцирано и казнето лице кое истура секаков вид на отпад на земјоделско земјиште – нива, истото лице ќе биде задолжено да го исчисти целиот простор.

Дежурните екипи на Инспекторатот на Град Скопје лоцираа запалено диво сметлиште помеѓу селата Смилковци и Стајковци на лице место не се затекнати сторители. Повикани се противпожарни возила од Пожарна Скопје.

(С.Бл.)