Инклузивни игралишта и сензорни соби за социјализација

226

Инклузивното детско игралиште во Карпош 2  е пример за јавен простор кои ги задоволува потребите за сите деца. Имајќи предвид дека во реонското основно училиште „Вера Циривири – Трена“ учат поголем број на ученици со попреченост, Општина Карпош и Град Скопје се одлучија токму во Карпош 2 да направат игралиште и  за децата со попреченост.

Денеска, на теренска посета на ова игралиште беа градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев, вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар.

-Локалната поддршка за лицата со попреченост е многу конкретна: покрај инклузивните игралишта (кои се лоцирани во Карпош 2 и Влае), работиме и на отворање на сензорни соби во основните училишта, како и на изградба на пристапни рампи, а во текот на годината даваме и финансиска поддршка на физички лица и граѓански организации кои работат со оваа категорија на граѓани. Апсолутно дека треба постојано да се унапредува поддршката и се надевам, дека за некој период, се поголем број на игралишта ќе бидат инклузивни, а сензорните соби реалност во сите училишта-изјави Богоев.

Вицепремиерката Царовска истакна дека во нашата земја повеќе нема деца во институции, туку сите се згрижени соодветно во мали групни домови. Овие инклузивни игралишта се многу важни за социјализација на овие деца и за нивна правилна адаптација во околината.

-Локалната самоуправа и другите ресорни институции продолжуваат да се грижат за вклучување на лицата со попреченост во сите сфери на живеење. На овој начин, се придонесува за уривање на бариерите и стереотипите во заедницата и за градење доверба  и соработка меѓу сите граѓани-потенцираат од Општината Карпош.