Инвеститор од Албанија од Кванташки ќе ни прави современ европски пазар

686

За да се реализира инвестицијата од 20 милиони евра, прво треба да се донесе деталниот урбанистички план во кој е вцртано Кванташкиот пазар во Маџари да прерасне во модерен регионален откупен центар. Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Трајковски се сомнева дека позади ова стои бизнис интерес на партијата на власт

 

Кванташкиот пазар, кој се наоѓа во Маџари, треба да стане современ пазар на големо, по терк на европските. На овој пазар, кој во минатото беше најпосетуван во државава и се вршеа најголемите продажби на земјоделски производи, сега, освен по некој паркиран камион, може да се забележат случајни купувачи и по некое заскитано куче.

Пазарот ги нема основните услови, како за продавачите, така и за оние кои се решиле да купат оттука нешто по пониска цена. Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски за весникот ВЕЧЕР вели дека и самите жители на општината тоа го истакнале како проблем. Поради тоа, Општината планира прво да го донесе деталниот урбанистички план во кој влегува и пазарот, а тоа ќе биде отскочна даска за реализација на планот за негово осовременување. Меѓутоа, според Георгиевски, во тоа ги кочи советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

– За да се отпочне со реконструкција на Кванташкиот пазар прво треба да се донесе ДУП кој го опфаќа и делот каде што тој се наоѓа. Овој ДУП повеќе од шест месеци не е донесен бидејќи советниците од ВМРО-ДПМНЕ го тргаат од дневен ред на седниците, иако е завршена и последната фаза од неговата изработка и добиени се сите потребни мислења од надлежните институции, вклучувајќи го и Министерството за транспорт и врски – објасни Георгиевски.

Тој вели дека веќе има заинтересиран инвеститор од Албанија кој пред две години го откупил земјиштето каде сега е Кванташкиот пазар и е подготвен да вложи 20 милиони евра за неговото уредување.

– Кванташкиот пазар ќе си остане со истата намена и со истата површина од над 20 хектари, само што ќе прерасне во нов, модерен пазар со ладилници за одржување на земјоделски производи по ХАСАП системот, така што производите би биле комплетно безбедни. Се предвидува тука да има и регионален откупен центар за селектирање, обработка и пакување на земјоделски производи – вели Георгиевски, нагласувајќи дека досега производите не биле соодветно чувани, бидејќи имало само два ладилника и тие биле на приватни лица.          

Според Георгиевски, недонесувањето на ДУП-от нанесува штета на земјоделските производители и го попречува новиот развој, како и новите капитални инвестиции и вработувања.

Александар Трајковски од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ДУП-от кој го опфаќа Кванташкиот пазар е сугериран од албанскиот инвеститор. Тој рече дека до советничката група на ВМРО-ДПМНЕ стигнале реакции од голем број пазарџии, корисници на пазарот, околни фирми и стопанственици дека со години инвестирале во свои објекти на пазарот, а сега не се ниту консултирани, а ни запознаени со изготвувањето на ДУП-от, ниту пак знаат што тој опфаќа.

– Сметаме дека инвеститорот во најава е ставен во повластена состојба од останатите. Поради тоа на низа седници укажуваме и бараме да се слушне гласот на луѓето кои со години го користат пазарот, бидејќи тие се најповикани да одлучат што и како треба да се гради на тој пазар – вели Трајковски, нарекувајќи ги обвинувањата на градоначалникот Геогиевски „гол популизам и невистина“.

– Ние како мнозинство во Советот, изминатите две години донесовме многу одлуки кои требаше да го подобрат животот на граѓаните, но за жал од негова страна нема никаква реализација. Кај нас се јавува одреден сомнеж дека се работи за бизнис интерес на партијата на власт – заклучи Трајковски.

(А.П.) – фото: Н.Батев