Инвеститорот на објектот кај ТЦЦ „Плаза“ продолжува да гради и покрај забраната

4771

– Во неделата повторно имаше градежни активности на објектот на местото каде што беше поранешна ТЦЦ „Плаза“. Општински инспектори заедно со полицијата излегоа на терен. Тие направија записници кои ќе бидат доставени до Јавното обвинителство како дополна на претходната кривична привија. Останува на јавното обвинителство да се произнесе, а досега од него немаме одговор, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, и додаде дека Општината ќе ги преземе сите мерки до надлежните институции, поради недозволените градежни активности кои се одвиваат на територијата на Центар, на поранешниот објект хотел „Плаза“

Инвеститорот на објектот кај ТЦЦ „Плаза“ продолжува да гради и покрај забраната што му ја изрекоа од општина Центар. Овластен градежен инспектор на Секторот за инспекциски надзор на Општина Центар, по пријава на граѓанин, во неделата излегол на терен и констатирал дека се прекршени законските одредби, поради недозволени градежни активности кои се одвиваат на поранешниот објект на хотел „Плаза“.

– Во неделата повторно имаше градежни активности на објектот на местото каде што беше поранешна ТЦЦ „Плаза“. Општински инспектори заедно со полицијата излегоа на терен. Тие направија записници кои ќе бидат доставени до Јавното обвинителство како дополна на претходната кривична привија. Останува на јавното обвинителство да се произнесе, а досега од него немаме одговор – изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, и додаде дека Општината ќе ги преземе сите мерки до надлежните институции, поради недозволените градежни активности кои се одвиваат на територијата на Центар, на поранешниот објект хотел „Плаза“.

Инспекторите на Општина Центар повеќе пати интервенираа за да ја сопрат незаконската градба на објектот кај поранешно „Беко“ и повеќе пати на инвеститорот му беше издавано решение за стопирање на градежните работи. Последен пат беше интервенирано на крајот на јули годинава.

Тогаш инвеститорот Друштво за економски консталтинг-Економско биро, ДОО Скопје не го почитувало Решението од 26. 2. 2020 година за отстранување на градбата, деловен простор, објект од втора категорија со димензии 61,00 метри x 34,50 метри, кој се гради од армирано-бетонска конструкција на улицата „Даме Груев“ број 35А и службениот знак за затворање на градилиштето. Освен тоа, инвеститорот не поседувал ниту одобрение за градење на градбата.

– Во определените три дена инвеститорот не ја отстранил градбата и затоа, на 28.04.2020 година овластениот градежен инспектор донел заклучок со кој решението станува извршно. Инвеститорот со заклучокот требал сам да ја отстрани градбата во спротивно, тоа ќе се стори по административен пат на сметка на инвеститорот – тогаш објаснија од Општината Центар.

На 8. 5.2020 година, пак со записник од извршен инспекциски надзор, градежната инспекција на Општина Центар го затвора градилиштето кое е оградено, поставена е лента за спречување на натамошна изградба и на јавно место е истакнато дека е затворено од градежна инспекција, а инвеститорот има рок од 30 дена да ја усогласи натамошната изградба или да ја отстрани градбата.

– Овој заклучок е поради фактот дека инвеститорот и покрај претходно донесените заклучок и решенија продолжил со градба на објектот. И покрај сè, инвеститорот самоволно ја отстранил лентата за заградување на објектот и службениот знак со кој е затворено градилиштето и продолжил со градба – велат од Општина Центар и додаваат дека поради тоа, во присуство на полиција од градилиштето се отстранети затекнатите работници и во согласност со Закон, против инвеститорот ќе се поведе постапка пред надлежните органи – заклучија од Општина Центар.

Објектот на ТЦЦ „Плаза“ сопственикот го урна пред две години, бидејќи од претходното раководство на Општина Центар на чело со градоначалникот Андреј Жерновски добил дозвола за доградба и надградба на објектот. Но, при почетокот на градежните работи му било кажало дека темелите на објектот нема да ја издржат надградбата, па затоа го урна објектот, со намера да го гради одново.

За да гради нов објект од темел, треба да добие нова дозвола за градба. Но, бидејќи Општина Центар го воведе мораториумот за градба инвеститорот не смееше да гради и немаше добиено градежна дозвола. И покрај тоа, во мај лани почна со градежни работи, беше поставена дури и втора плоча, а беа поставени и арматури за носечките столбови.

Градоначалникот Богдановиќ вели дека градежна дозвола ќе добие откако ќе се донесе новиот план за Мал ринг, но инвеститорот не попушта и си гради велејќи дека има дозвола од Жерновски дадена пред мораториумот.

(А.П.)