Каталонскиот весник „Мундо Депортиво“ откри дека во следните неколку дена ќе се случи долго очекуваниот состанок помеѓу таткото на Лионел Меси, Жорге и претседателот на каталонскиот гигант Барселона, Жозеп Марија Бартомеу.
Пред една недела најдобриот фудбалер на денешницата предизвика фудбалски „земјотрес“ откако побара да си замине од „Ноу Камп“ и тоа како слободен играч. Аргентинскиот интернационалец се повика на клаузулата во неговиот договор која му овозможува да стави крај на соработката една година пред да му истече актуелниот договор. Сосема очекувано, челниците на Барса не ја прифатија желбата на Меси затоа што сметаат дека капитенот не ја искористил клаузулата до 30. јуни, а тоа значи дека неговиот договор автоматски е продолжен за уште една сезона. Во договорот на Меси има и ослободителна клаузула која се активира со понуда не помала од 700 мил. евра.
И челниците на шпанската Ла Лига преку официјално соопштение потврдија дека Меси има валиден договор со Барселона и дека може да си замине само доколку заинтересираниот клуб испрати официјална понуда од 700 мил. евра.
„Мундо Депортиво“ пишува дека во следните неколку дена таткото на Меси ќе пристигне во Барселона каде ќе има состанок со претседателот на каталонскиот клуб. Јасно е како дена дека двете страни имаат сосема спротивни ставови, односно, Бартомеу не сака да остане без најдобриот фудбалер, а особено не без никакво обештетување. За време на состанокот Бартомеу ќе понуди нов договор за Меси и секоја друга опција експресно ќе биде одбиена.
Од друга страна, таткото на Меси ќе дојде во Барселона со јасна цел. Жорге сака проблемот да го реши на пријателски начин, односно сака Меси да си замине на цивилизиран начин иако неговиот син не се појави на задолжителното тестирање за коронавирусот и нема да ги започне подготивките за новата сезона.
Жорге Меси ќе се обиде да му објасни на Бартомеу дека неговиот син е максимално разочаран од постојаните неуспеси во Лигата на шампиони и од срамниот пораз (8:2) од Баерн (М). Иако веќе има 33 години, Меси сака да најде нов предизвик односно да игра за клуб со кој може повторно да го освои трофејот во ЛШ.