Бочварски: Има пари за капитални инвестиции, следи сериозен притисок за реализација

61

Државата има пари за капитални инвестиции, тие ќе се инвестираат преку новиот систем со сериозен притисок од страна на Министерството и Владата. Во 2021 година граѓаните ќе се уверат дека и во време на ковид криза нашиот фокус ќе бидат капиталните инвестиции, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Тој најави дека на 1 декември ќе го презентира пред јавоста предвидениот буџет на Министерството за транспопрт и врски за идната година.

– Преку нашето Министерство наредната година инвестираме над 10 милиони евра во изградбата на локални улици и патишта низ државата преку Светска банка. Продолжуваме со повторно актуелизирање на пругата од Куманово – Белјаковце и Крива Паланка со што очекуваме во првиот квартал од 2021 да биде распишана новата постпака и конечно да видиме сериозен прогрес со нов и квалитетен изведувач во овој дел. Имаме проекти секако и во станбената изградба и во комуналниот дел со изградба на водоводи и канализации, како и проекти за целосен рамномерен регионален развој на општините, рече Бочварски, кој беше на увид во активностите за обнова на патот Бигла Трстија.

Вкупните капитални инвестиции со Предлог-буџетот за 2021 година се планирани на ниво од околу 23 милијарди денари или за 20 проценти повисоко во однос на планот за 2020 година. Владата најави нов функционален механизам за подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции, што подразбира насочување на средствата кон проектите со поголема реализација.

Со планот за капиталните инвестиции се опфатени проектите:завршна реконструкцијата на железничката пруга на Коридор 10; делницата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка од Коридор 8; изградба и рехабилитација на мостови, железнички станици, стојалишта, подвозници и надвозници; реализација на патна инфраструктура како автопатот Скопје-Блаце, делницата на автопатот Кичево-Гостивар, завршување на автопатот Кичево-Охрид; гасоводот Скопје-Тетово, Гостивар-Кичево, интерконекторите со Грција, Србија и Косово, проект за локални патишта, за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан; изградбата на железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“; проект „Воведување брз автобуски систем во Град Скопје“; изградба на патната делница Градско –Дреново.