Македонија отсекогаш изобилувала со спортски таленти, но поради недостигот на квалитетни услови за тренинг, како и ограничениот стручен кадар, често пати младите деца имаат потешкотии да го покажат целиот свој потенцијал и да се претстават на вистински начин на големите натпреварувања низ Европа и светот.

Еден таков талент, во кого копнее желбата за успех, е осумгодишниот Христо Ковачи, кој минатиот викенд дебитираше во картинг категоријата „Ротакс Микро Макс“.

Во време кога пандемијата на коронавирус пркоси низ светот и речиси сите спортски настани беа откажани, тоа не го спречи младиот македонски картинг-возач цврсто да верува во желбата, па по пауза од четири месеци конечно се израдува на една трка. Тој минатиот викенд излезе на патеката „Спид Арена Рехниц“ во Австрија, каде се одржа првата картинг трка и го освои 13-тото место во конкуренција на 23 натпреварувачи, а оваа недела ќе биде дел и од втората трка во шампионатот, која ќе се вози во Словенија.

  • Така е, во Австрија заврши 13-ти, а во некои сесии беше и 11-ти, неочекувано поради четиримесечното немање услови за возење. Новата патека за нас беше непозната, повисока класа за разлика од минатата година и, секако, многу сериозна конкуренција која за Христо претставуваше посебна мотивација. Следната трка е викендов во Словенија, а успеавме само еден викенд да возиме во „Серес“, во Грција, за малку по малку да се вратиме во кондиција. На Христо главна цел му се медалите и сè ќе стори за да успее да дојде до еден од нив, истакна за „Вечер“ таткото на Христо, Аргир Ковачи.

Младиот пилот Христо вели дека брзината е таа која му го крева адреналинот на највисоко ниво, а воедно откри што е неговата најголема инспирација.

  • Додека возам се обидувам тоа да биде со што поголема брзина, кога има некој пред мене барам начин да го престигнам или доколку некој сака мене да ме престигне да не му дозволам и тука е најубавиот момент за мене. Инаку, омилен тим во Формула 1 ми е Мекларен, но Формула 1 не ми е толку голема инспирација колку што ме привлекуваат рели-трките каде што го гледам мојот предизвик, односно возење по неидеални патеки и различни подлоги, вели Христо Ковачи.

Иако во Македонија картингот и не е така популарен спорт, сепак, тоа не беше пречка талентираниот пилот да се обиде да си го оствари својот сон, а моментно е на добар пат за такво нешто.

  • Љубовта за овој спорт произлезе од едно обично возење во Арт Картинг Центарот во Скопје кога Христо заедно со едно негово другарче го почувствува адреналинот на тркањето додека се натпреваруваа кој ќе биде побрз. Веднаш се појави огромна желба за честото одење на картинг патеката со цел да поминува што повеќе време во картингот и на патеката. Поради преголемата желба се одлучивме да го поддржиме со купување на тркачки картинг, а откако фати зима, ние во Македонија немавме услови за возење и се одлучивме да патуваме често во Грција каде што Христо стана дел од најголемата грчка академија „Cosmosrally Academy“ која брои 40-ина активни возачи, додаде Аргир Ковачи.

Како што вели неговиот татко, Ковачи најчесто тренира надвор од Македонија, во Грција и во Бугарија.

  • Покрај „Арт Картинг Центарот“ кај нас, досега Христо тренираше по различни патеки во Грција, потоа во Бугарија, каде што лани зема и учество во бугарскиот шампионат и успеа да заврши трет во генералниот пласман, додека во Македонија заврши втор во генерален пласман. Омилена патека на Христо му е секогаш патеката каде што и му е следната трка со цел да врши притисок дека мораме да одиме на што подобар пласман на трката.  Што се однесува за тренирањето, за да имаме подобар успех, како што напоменав и погоре, потребно е да ги возиме и тренираме патеките каде што и ќе учествуваме, што за жал ни се на 1.000 километри од нас, изјави Аргир.

Како и многу спортови, така и картингот важи за скап спорт, па затоа многумина уште од самиот старт се откажуваат од тренирање на картинг.

  • Секој спорт кога си професионално активен е скап, но верувам со поголема афирмација би имало голем број на деца кои би учествувале во него, особено за натпревари на локално ниво или, ете, учество во шампионати на нашите соседи како што се Србија, Бугарија, Грција. Јас сметам дека има многу наши компании кои би го поддржале овој спорт, а досега една му даде голема поддршка на Христо и се надевам дека истата ќе ја оправдаме, заврши Ковачи сениор.

Инаку, принципот на тркање во овој шампионат од Централно-европската зона е како во Формула 1, односно се возат квалификации, додека еден ден подоцна на програмата се три трки. Откако ќе се извози првата трка, на која стартуваат според времето од квалификациите, втората трка ќе започне на ист принцип, од местото на кое ја завршил втората трка. Истото важи и за третата трка.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ