Има ли криминал во набавката на кинеските вакцини?

66

Причините за враќањето на македонскиот аванс за кинеските вакцини, се разгледуваат во Антикорупциска комисија. Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска за весникот ВЕЧЕР изјави дека е изненадена од најновите информации кои повторно ни откриваат дека нашиот систем не функционира. Вели дека нивна надлежност е да ги утврдуваат системските слабости, но сите злоупотреби треба да ги фати Јавното обвинитслетво.

– Се согледуваат сите елементи дали има основ за поведување постапка. Повторно се наоѓаме во ситуација да видиме дека постои неорганизиран процес на набавка, дека начинот за набавка на вакцини не е прецизно утврден, ризиците од корупција повторно доаѓаат на високо ниво дотолку повеќе што гледаме дека се набавува од приватни фирми, не се користат стандардните државни канали за набавка на вакцини. Сето ова ја нарушува довербата, на ваков начин извршување на овие активности ја нарушува довербата на граѓаните во институциите, изјави Ивановска. Таа вели дека веднаш по објавувањето на веста сфатиле дека има работа и за Антикорупциска, но и за Обвинителството.

Прстот во Обвинителството го впери и Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“ кое, според неа е надлежно да ги следи и утврди пропустите во системот.

– Зачудува инертноста на ЈО, дека во ваква ситуација кога има афери и случаи, тие не се организирани да проверат. Мора да ги расчистат сите аспекти. Сите јавни документи треба да се ставени на увид на јавноста, па да се утврди дали има место за кривична одговорност. Сега да оставиме прво да се занимаваме со системот, а никој да не се занимава со аспектот на криминалот и можноста за злоупотреба е апсолутно несоодветно постапување. Оваа ситуација е несоодветна, и не слушнавме дека се случила на друго место. Немаат право да ги прикриваат информациите, целата постапка треба да е јавна, изјави Тасева во телевизиско гостување.

Италијанскиот весник „Ла Верита“, по објавата на „причините за враќањето на македонскиот аванс за кинеските вакцини, во средата, вчера објави „две писма од министерот за здравство Венко Филипче адресирани до кинеската компанија „Синофарм“ од 25 декември лани и од 25 јануари годинава“, поврзани со набавката вакцини.

Според принскринот во „Ла Верита“, во едното писмо кое Филипче го испратил лани во декември до кинеската компанија, „изразува интерес на нашата земја за набавка на нивната вакцина“. Според италијанскиот весник, „проблематична е, всушност, содржината на второто писмо во кое Филиче ја ослободува компанијата, односно Кина, од каква било одговорност од евентуални негативни последици од употребата на вакцината“. Ова, според „Ла Верита“, е спротивно на многу меѓународни конвенции и претставува кршење на основната институционална мисија, а тоа е заштитата на здравјето на своите граѓани.

Ден претходно, „Ла Верита“ објави текст според кој „причината за враќањето на авансот што го уплати Македонија за набавка на 200.000 вакцини е тоа што требало да се одвива преку посредничка фантом-фирма, со седиште во Хонгконг, а тоа оставило сомнеж кај официјален Пекинг што, пак, довело до поништување на процедурата“.

Премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче истиот ден реагираа дека „при напорите да се обезбедат вакцини против ковид е направено се, но ништо на незаконски начин“.

Министерот Филипче изјави дека имало обид набавката на вакцините да се изврши преку приватни фирми, но, се покажало дека тоа не е правилниот пат, по што крајната одлука била да се набават преку кинеската амбасада и кинеското МНР. Премиерот Зоран Заев кажа дека за набавката на вакцините се одело преку приватни фирми, во случајов  и преку Пауер Чајна, а нарачката е направена преку кинеската Амбасада и МНР на Кина на барање на кинеските власти.

-Апсолутно негирам какви било лоши намери или незаконско дејствување. Затоа што во овој период правиме напори да набавиме вакцина по сите можни канали како што очекуваат нашите граѓани, час поскоро. Јас а и министерот за здравство ја информираше јавноста дека после две недели чекање на активности на Кинеската амбасада, ние директно преку Синофарм не можевме да добиеме контакти и дадовме нарачки преку приватни компании кои МНР не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Сега очекуваме да стигнат нарачките преку МНР на Кина, односно преку Кинеската амбасада, рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ овинува деканаместо за набавка на вакцини, власта мислела на криминал.

-Точно се наведува во „Ла Верита“ што е проблемот, зошто е вратен авансот за вакцини од Кина. За набавка на вакцините од Кина, била избрана фантом – фирма од Хонг Конг, таа фирма била наведена и во писмата испратени од Венко Филипче. Затоа Кина го враќа авансот, затоа Македонија и денеска нема вакцини! Ова е уште еден голем меѓународен скандал, ова е уште едно меѓународно тонење на Македонија во криминал и висока корупција! Луѓе умираат секојдневно, тие избрале фантом фирма посредник за набавка на вакцини од Кина! Наместо на вакцини, се мисли на профит преку фантом фирми! Само еден збор го опишува ова – нечовечност, нагласи Стоилковски.

Одговорот од СДСМ стигна преку соопштение со кое обвинија дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ е сè уште под, како што велат, режимската матрица и навиките за криминално и коруптивно дејствување, па во сé гледаат провизии.

-Нема ништо противзаконско во набавката на вакцините од НР Кина. Додека целиот свет е во јагма по вакцини, Владата предводена од СДСМ прави секакви напори за набавка на вакцини преку сите можни канали, а писмо со намери било доставено преку десетина фирми од неколку држави. Со ова потона уште една лага на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа што лажните вести на Мицкоски, ги брани Антонио Милошоски, осуден и казнет за кривични дела во Германија покажува колкав е очајот во белиот дворец. Од ВМРО-ДПМНЕ во текот на целата пандемија видовме само лажни вести, дезинформации, опструкции, обиди за поткопување на здравствениот систем и лажна загриженост за здравјето на граѓаните“, наведено е во соопштението.