Пандемијата со коронавирус ни го одзема вистинското уживање во фудбалската игра, но не можеме да не бидеме задоволни од тоа што го направија нашите херои на зелениот терен. Се мисли на сениорската фудбалска репрезентација која првпат успеа да се пласира на едно Европско првенство, кое ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули во дванаесет европски земји.

Ваквиот успех на фудбалерите, но и оној од пред три години кога младата фудбалска репрезентација беше дел од Европското првенство за играчи до 21 година, придонесе кај многу деца да се роди уште поголема љубов кон фудбалот.

Една од идните македонски фудбалски ѕвезди е и десетгодишниот Лука Трпевски, кој моментно игра за „петлињата“  во фудбалскиот клуб Академија Пандев, а претходно беше дел од академијата на Вардар. Тој потекнува од спортска фамилија. Неговиот татко Горан, кој има шведско државјанство во минатото настапуваше за Малме и Аполон од Атина. Но,  неговиот син, кој важи за еден од најголемите фудбалски таленти на Балканов, веќе одлучи на која земја сака да го носи дресот – на  Македонија!

Тој изминативе две години беше на подготовки во најдобрите балкански клубови, Динамо Загреб, Црвена звезда и Партизан, а за весникот ВЕЧЕР откри интересни детали за своите идни планови за својата кариера како професионален фудбалер.

Како се роди љубовта кон фудбалот?

Од кога знам за себе – сум со топка. Тоа најдобро може да се забележи на неколку видеа кога сум бил бебе, бидејќи топката била секогаш до мене.

Кој имал најмногу влијание за твојот фудбалски пат?

Татко ми секако. Многу добро ја разбира оваа игра. Колку што тој има прочитано книги  за фудбал, некои луѓе немаат гледано толку натпревари. Но, досаден е со неговите детали во врска со фудбалот, заборава дека се уште сум дете. Може за еден детаљ да ме замора и два часа (се смее Лука). Што се однесува до тренерите, би кажал Влатко Колев. Иако многу ми вика, сепак ми дава многу слобода во играта. Неговите тренинзи се како да сум во Барселона, постојано се работи со топка.

Секој фудбалер има свои амбиции, кои се твоите?

Да бидам најдобар играч во светот и да ја однесам Македонија на Светско првенство. Тоа ми е сонот.

Беше на неколку подготовки во клубови од соседните држави, дали семејството би те спречило доколку пристигне понуда од академиите на некој од поголемите клубови, како од Италија, Шпанија, Германија…?

Моето семејство е мојата најголема поддршка. Тие ме следат на секој тренинг, натпревар и турнир, така да каде и да ме однесе патот во иднина тие секогаш ќе бидат со мене. Имам само 10 години и одлично ми е во Академија Пандев, барем сега за сега. Следното лето ќе видиме дали ќе се одлучам за некоја странска екипа. Веќе ме притискаат, но ќе одлучам кога ќе дојде време.

Веќе беше на подготовки во Динамо (З), Партизан и Црвена звезда, какво е искуството од таму?

Динамо први ме забележаа на турнир во Бијелина. Неколку месеци подоцна бев кај нив и можам да кажам дека супер си поминав. Му се јавија на татко ми пред неколку недели дека треба да одам таму во јануари на две неделни подготовки. Од друга страна, Партизан ме забележа на „Драган Манце“ турнирот во Белград и после кратко време бев кај нив скоро една недела. А, во Црвена звезда бев во ноември, прекрасно поминав. Тоа се три големи академии, не само на Балканов, туку и во Европа. На пример, во Динамо и Звезда имавме затворени тренинзи, нешто што е многу поразлично од кај нас.

Што можеш да подобриш како играч и што те прави посебен?

Секој играч може да се подобри, па дури и најдобрите. Јас сум многу брз и многу добро дриблам што во фудбалот е можеби најважно. Многу голови давам иако противниците се постари од мене. Лесно можам да се скарам со соиграч, затоа морам да поработам на ова (се пошегува Лука). Воедно се лутам кога екипата ми губи.

Од што се состои исхраната на младиот Лука?

Мајка ми обожава да чита за здрава храна и секогаш гледа да се хранам здраво. Знам дека исхраната е многу важна за мојот напредок, така што внимавам што јадам.

За кој клуб навиваш?

Не е момент сега да откријам, но од Балканот е.

Колку време поминуваш во гледање фудбал, а колку во учење?

Секој ден играме фудбал со брат ми во двор, а сестра ми е тука да не заморува. Кога е поладно знаеме да одвоиме добро време за да играме ФИФА или Плејстејшн… Што се донесува до учењето, мислам дека сум добар ученик, но тоа треба да го каже мојата наставничка Лилјана Вурмевска, која секогаш ме поддржува кога станува збор за фудбалот.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ

ФОТО: Петр Стојановски