Има денови кога легнуваме гладни!

63

– Секој ден собирам пластика и дневно заработувам по околу 300 до 400 денари. Морам, оти имам тричлено семејство и мора некако да се прехраниме. Не работам никаде, ама морам барем за Лепа да обезбедам да има да јаде, иако имало денови кога гладни сме легнувале. Тоа се случува особено за викендите кога не работат отпадите, не можам да ја продадам пластиката што сум ја собрал и тогаш гладуваме, ни раскажа младиот, 21-годишен Давид Спасовски од кумановската населба Бабин Дол, кој вели дека на тој начин мора да го прехрани своето тричлено семејство – вонбрачната сопруга Елена (20 г.) и 4-годишната ќеркичка Лепа, а во тоа му помага и неговиот брат Игор (29 г.), кој исто како и Давид собира пластични шишиња.

Давид и брат му се присилени да собираат пластични шишиња од контејнери за да преживеат, а млади се и здрави за да работат нешто друго, ама не можат да најдат вработување. Тој сака на својата ќеркичка да ѝ обезбеди детство барем нешто подобро од неговото

Нема град во Македонија каде што нема неформални собирачи на отпад, чиј број од ден во ден сè повеќе расте. Можат да се видат низ улиците како секојдневно собираат пластика, хартија или старо железо, затоа што она што ќе го соберат и потоа ќе го продадат во некој откупен пункт, им е единствен извор на дневна егзистенција, затоа што не работат, а ниту примаат социјална помош.

Еден од нив е младиот, 21-годишен Давид Спасовски од кумановската населба Бабин Дол, кој вели дека на тој начин мора да го прехрани своето тричлено семејство – вонбрачната сопруга Елена и 4-годишната ќеркичка Лепа, а во тоа му помага и неговиот постар брат Игор, кој исто како и Давид собира пластични шишиња.

– Секој ден собирам пластика и дневно заработувам по околу 300 до 400 денари. Морам, оти имам тричлено семејство и треба некако да се прехраниме. Не работам никаде, ама морам барем за Лепа да обезбедам да има да јаде, иако имало денови кога гладни сме легнувале. Тоа се случува особено за викендите кога не работат отпадите, не можам да ја продадам пластиката што сум ја собрал и тогаш гладуваме – ни раскажа Давид. 

Давид, Елена, Игор и Лепа живеат во една просторија во двособната куќарка на улица „14“ во Бабин Дол. Во другата соба живее татко му, но Давид вели дека не се во добри односи. Тројцата спијат на сунѓер послан на земјениот под, додека малата Лепа спие во кревет. Навечер палат свеќа, затоа што немаат струја, бидејќи им ја исклучиле поради долгови што не ги плаќал татко му. Се обратил до креаторите на телевизиската емисија „Срце на дланка“, за да ја раскаже својата мака, но досега не го контактирале.

– Бев во Социјално за помош, ме одбија затоа што живеам со невенчана сопруга. А и како да се венчаме, па и за тоа ни требаат пари – вели Давид. 

Низ кумановските улици, како и на околните депонии има стотина собирачи на пластика. Ги има од сите националности, но сите уште рано наутро откако ќе светне сонцето, со своите колички, се во пребарување на контејнерите. Собраните пластични шишиња потоа ги носат во откупните пунктови каде што килограм пластика се откупува за цена од десетина до дваесет денари. Од отпадите каде што се откупува пластика низ Македонија велат дека од собирање на пластика не може да се оствари голем приход, но основните потреби ќе бидат задоволени.

Давид вели дека и тој и брат му се присилени да собираат пластични шишиња од контејнери за да преживеат, а млади се и здрави за да работат нешто друго.

– Јас сум со седмо одделение, а Елена има завршено осмо. И двајцата бараме работа, млади сме и здрави. Сега скоро бев кај нашиот градоначалник Максим Димитриевски да ни помогне околу вработување. Со сопругата пуштивме барања за работа во фабриките „Дрекслмаер“ и во „Дура“, но сè уште не нè побарале – вели овој млад човек кој сака на својата ќеркичка да ѝ обезбеди детство барем малку подобро од неговото.

(С.Бл.)