Имаме неконзистентна земјоделска политика, субвенциите не се гаранција за успешен агро сектор

234

Земјоделството (вклучително и лов, шумарство и рибарство) е третиот најголем сектор по услугите и индустријата. Неговото учество во вкупниот БДП остана релативно стабилно изминатиот период, со околу 10-12%, а заедно со преработувачката индустрија, процентот се зголемува на 16-18%.

Можностите за поголем придонес на оваа дејност во националната економија согласно расположивите потенцијали во земјоделството не се целосно искористени и покрај традицијата во овој сектор, како и покрај поволните климатски услови. Повеќе од една третина од земјоделското обработливо земјиште не се обработува. Субвенциите кои почнаа да се исплаќаат од 2007 година не ги дадоа саканите ефекти, наместо развојна нота тие беа искористени како социјално-политичка алатка.

За таа цел, на меѓународната конференцијата што се одржува во Стопанската комора на Македонија во организација Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија на тема „Насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“, присутните говорници преку компаративните искуства кои може да послужат како позитивни примери, во дебата со претставници од компаниите, здруженија, асоцијации и државни институции, ќе треба да дадат придонес да се предложат мерки и насоки за унапредување на  земјоделско-прехранбениот сектор.

Во земјата постои неконзистентна земјоделска политика, а субвенциите не се гаранција за успешен агро сектор, констатираше проф. д-р Благица Сековска од Факултет за земјоделски науки и храна, Универзитет „Св.Кирил и Методиј“- Скопје. Агро секторот се соочува со повеќе проблеми, но за подинамичен земјоделски развој треба да се даде пред сѐ одговор на неколку прашања. Имаме ли ние села, дали има луѓе во селата и конечно, дали луѓето што се останати во селата се обучени да имплементираат современи ИТ практики и технолошки решенија. Професор Сековска констатираше дека, сакаме да збориме за информатизација и роботика како модерни текови за развој на секој сектор вклучително и земјоделско прехранбениот, но реалноста вели таа, е дека главно сеуште се зборува за начинот на одржување на шталите, дали се тие на соодветно ниво за чување на кравите.

За таа цел професорката порачува дека освен мерката субвенции, треба да се најде начин како со друг тип на мерки и политики да се задржат луѓето во селата, но не по цена сите да се занимаваат со земјоделство. За да се реализира ова потребно е да се направи сеопфатна анализа.

И натаму остануваат проблемите со неискористени средства од ИПАРД програмата, потешкотии во пристап до финансии за фармери, пренамена на земјоделско земјиште во градежно, не постои грижа кон системите за наводнување, недостиг на работна сила, недостаток на здружување на фармерите, посочи проф. д-р Благица Сековска.

Проф. д-р Ордан Чукалиев од Факултет за земјоделски науки и храна, Универзитет „Св.Кирил и Методиј“- Скопје акцентот го стави на проблемот со образовниот систем, науката е искулчена од донесувањето на одлуките во сферата на земјоделството, вели тој. Како проблематични ги посочи нестандардното производство, ниското ниво на специјализација, а просечното земјоделско стопанство има 2 хектари. Во таа насока проф. Чукалиев констатира дека потребен е советодавен систем за земјоделците, потребни се транспаренти и достапни податоци кои ќе водат до едукација на земјоделците и унапредување на земјоделството.

Македонија е земја со 220 сончеви денови од кои 50 дена се топлотен стрес и го забавуваат производството. Поради тоа вели професорот невозможно е да кажеме дека имаме конкурентска предност, единствено како предност е вкусот на производите.

Македонското земјоделство во изминатите 25 години се соочува со големи предизвици. Членството во СТО, Спогодбата со ЕУ, членството во ЦЕФТА, ги проширија можностите за зголемување на извозот, но истовремено ја зголеми домашната конкуренција.

Создавањето на конкурентен земјоделско-прехранбен сектор, кој ќе ги искористи компаративните предности на нашата земја, бара доследно спроведување на сеопфатни мерки во низа области, вклучувајќи: ефективни земјишни политики, финансирање, преструктуирање на земјоделското производство во насока на производи со дефицит на високи примања и ефективни пазар кој обезбедува соодветна средина за техничките и претприемачките вештини на домашните фармери. Целта е да се зајакне свеста за македонските земјоделски и прехранбени производи чии имиња се заштитени со оригинални ознаки за потекло, заштитени географски ознаки или загарантирани традиционални специјалности со цел да се зголеми нивната побарувачка, да се зголеми интересот на производителите за влез во производство на заштитени производи за да се постигне нивно подобро позиционирање и да се спречи злоупотреба на заштитени имиња на пазарот.  Преставникот на Стопанска комора на Хрватска Жаклина Јуришиќ, говореше за предизвикот со кој ќе се соочи земјата но особено агро секторот со велзот на Северна Македнија во ЕУ. За таа цел Јуришиќ со присутните ги сподели искуствата на Хрватска. Што значи прилагодување на целиот земјоделски сектор на политиката што се води во ЕУ, со исти царински прописи, фитосанитарни и ветеринарни правила, потоа почитување на заедничка земјоделска политика, заедничко регулирање на пазарот.

На Македонија и недостасуваат економски одржливи рурални заедници кои ќе допринесат во развојот на македонското земјоделство и пласман на македонските производи на странските пазари. Предлог-Буџетот за оваа година за секторот земјоделство, предвидува мерки и политики кои се во насока на унапредување на земјоделството, преку зголемување на обработливите површини, создавање услови за модерно и конкурентно земјоделско производство. Во таа насока, неопходно е да се спроведат активности поврзани со промените во животната средина за да во еден догледен перод може да се видат резултатите од добрата земјоделска пракса, подигнување на свеста на населението за значењето на можностите кои ги дава Македонија за производство на здравствено безбедна храна. При тоа, посебно внимание треба да се посвети на адаптација кон климатските промени (како во растителното производство, така и во анималното), контролирано управување со водните ресурси, биоенергијата и бидиверзитетот во државата, истака д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Македонија на отворањето на Конференцијата.

Основен проблем со кој се соочува земјоделскоот сектор според Никола Деребанов од „Перминдекс“ Градско е големината на земјоделските стопанства. Истовремено во последните 10 години се соочуваме и со нјниски приноси, ниска продуктивност, ниски примања. Се намалува и бројот на земјоделски семејства. Од 190 на 170 илјади. Во просек од 1,8 до 2 хектари земјоделската површина отпаѓа на земјоделско семејство. Тоа е мал прцент на земја, ако се спореди со регионот. Во Бугарија дури 10 пати е поголем односот. 18 хектари отпаѓа на едно семејство. Во Хрватска 5 пати поголем поднос. 10 хектари земја на семејство. Ова го дефинира и проблемот, вели Деребанов. При тоа прашува, кои мерки се превземени. Во 2011 година беше донесен нов Закон за земјоделско земјиште кој ја влоши ситуацијата. Просекот на земјоделско стопанство е битен и се врзува со обезбедување на пристојни примања за едно земјоделско семејство. Пребавната администрација која споро реагира на тековните проблеми. Нерешен проблем со Законот за наследство, сакајќи да се спречи раситнување на земјиштата доаѓаме до ситуација да креираме непродуктивно искористено земјиште, констатира Деребанов. Конференција која се одржува во Стопанската комора на Македонија има за цел ставовите и пораките што ќе ги испорачаат бинзис секторот и домашните и меѓународни експерти од областа, да ги дефинираат насоките на идниот развој на агро секторот во државата.