Му оддаваме почит на пеењето на Карлос Maрин на сите наши концерти, вклучително и претстојниов во Скопје. Сите нека го паметат по неговата прекрасна душа, неговиот неверојатен талент за музика, неговата убавина. Нека почива во мир, велат членовите Дејвид, Себастијен и Урс

Минатата година, кога почина Карлос Марин од корона, сите мислеа дека светски популарниот бенд „Ил диво“ ќе згасне. Но, за среќа, не се случи тоа. Напротив, продолжува со засилено темпо со настапите. И ние ќе го имаме тоа задоволство да го слушаме кај нас, на концерт во Скопје, на 15 октомври, во арената „Борис Трајковски“. За „Ил диво“ е познато дека е комерцијално најуспешниот класичен кросовер бенд во меѓународната музичка историја, уште од неговото основање во 2003 година. Има продадено повеќе од 30 милиони албуми, а за секој негов концерт секогаш се бара билет повеќе. „Ил диво“, како изведувач на тој класичен кросовер, со својот деби-албум беше бр.1 на 200 топ-листите, а особено на онаа на „Билборд“. Момците што со својот привлечен физички изглед лесно ги освојуваат срцата на голем број обожавателки, во 18 земји од светот имаат продадено повеќе од два милиона влезници за своите концерти.

Овој скопски концерт ќе биде во чест на починатиот Карлос Марин. Иако тажен, сепак, момците ќе ја задржат својата препознатлива ведрина со која секогаш настапуваат. Членови на „Ил диво“ се: Американецот Дејвид Милер, Французинот Себастијен Изамбар и Швајцарецот Урс Билер. Ветуваат одличен двочасовен скопски концерт, велејќи дека за нашата публика слушнале сè најубаво.

По настапот во Македонија, продолжува нивната светска турнеја, насловена „For Once in my life”, а сега, како GREATEST HITS TOUR, со специјален гостин, мексиканско-американскиот баритон Steven La Brie.

– Нашиот поранешен член, Карлос, беше личност повеќе од животот, со ретка комбинација на неверојатно убав, од Бога даден глас и апсолутно, огромен талент за музика. Неговите страст, разиграност и смисла за хумор создадоа магична личност од него. Неговата смеа ги воздивнуваше сите. Тој беше сакан од милиони фанови ширум светот и ние имавме среќа и чест што можевме да настапуваме со него толку многу години. Длабоко ќе ни недостигаат неговата разиграност, пријателство и брилијантен глас.                                                                                                                         Во негова чест, ќе основаме фондација со неговото име и ќе му оддадеме почит на неговото пеење на сите наши идни концерти, вклучително и оној во Скопје. Сите нека го паметат по неговата прекрасна душа, неговиот неверојатен талент и нека почива во мир – изјавија членовите на „Ил диво“ пред настапот во Македонија.                          (Д.М.) foto:YT/FB/Twiter