Илјадници луѓе блокираа патишта во Србија поради рудник за литиум

64

Илјадници луѓе денеска блокираа патишта во Србија, противејќи се на отворањето на рудник за литиум, за кој велат дека може да ја загади животната средина.

Полицијата на неколку места во Белград распореди сили за разбивање демонстрации, но активистите успеале да ги заобиколат на автопатот Ниш-Белград-Загреб, пренесува Хина.

Демонстрантите се движат кон центарот на главниот град, каде за 18 часот е закажан протест пред парламентот, јавуваат локалните медиуми.

Демонстрации се одржаа и во Чачак, Крагуевац и Нови Сад. Новисадскиот портал 021 објави дека се приведени деветмина демонстранти.

Полицијата го забрани протестот наречен „Еколошко востание“, но демонстрантите за Хина изјавија дека во најголемиот број случаи полицајците не сакале да интервенираат со употреба на сила.

Министерката за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ, вели дека блокадата на патиштата е „обичен терор од малцинството“.

Демонстрантите тврдат дека планираниот рудник на меѓународната корпорација „Рио Тинто“ во западна Србија може да предизвика негативни последици по животната средина и да ги загади водата и земјиштето.

Над 220.000 луѓе потпишаа петиција против рудникот на локацијата Јадар кај Лозница, а до уставниот суд беше испратено барање да ја оцени уставноста на локалниот просторен план со кој се предвидува експлоатација на литиум.

„Србија не е на продажба и нема да биде ничија колонија“, велат демонстрантите во центарот на Белград, барајќи од српскиот претседател да не ги потпишува измените на законот за експропријација што ѝ дозволува на државата да пренамени земјиште за проекти од јавно значење, кои претходно ги усвои српскиот Парламент.

Противниците на законот тврдат дека законот ќе овозможи одземање на имотот на граѓаните заради „катастрофални проекти и државни договори“. Тие се противат на евентуална експропријација на земјоделско земјиште во западна Србија со цел да и се овозможи на рударската корпорација „Рио Тинто“ и странскиот приватен капитал да експлоатираат и хемиски преработуваат литиумска руда за производство на батерии.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на почетокот на неделава изјави дека е нормално луѓето да протестираат, но дека „Рио Тинто“ во Србија не го донел тој, туку претставниците на поранешниот режим и сегашната опозиција кои учествуваат на протестите, и кои ги обвини за лицемерие.