Илон Маск, ексцентричниот шеф на фабриката за производство на електрични автомобили „Тесла“, во средата повика на брзо рестартирање на американската економија нагласувајќи дека карантинот е фашистичка мерка.

За време на конференциски повик, Маск остро ги нападна рестриктивните мерки воведени за спречување на ширењето на коронавирусот.

„Искрено, јас тоа би го нарекол присилно затворање луѓе во нивните домови против сите нивни права загарантирани со Уставот“, рече Маск.

„Тоа ќе предизвика голема штета, не само на ‘Тесла’, туку и на многу други компании“, додаде тој.

Компанијата на Маск оствари профит од 16 милиони долари во првиот квартал на 2020 година.

„Тоа е фашистички. Не е демократски“, рече Маск осврнувајќи се на мерките за седење дома во САД.

Американските здравствени претставници велат дека мерките се клучни за да се забави ширењето на заразата. Над 60.000 луѓе починаа од коронавирус во САД. Претходно во средата Маск на социјалните мрежи повика за брзо отворање на американската економија.

„ОСЛОБОДЕТЕ ЈА АМЕРИКА ВЕДНАШ“, напиша Маск на „Твитер“ каде има повеќе од 33 милиони следбеници.

Претходно месецов, Трамп објави слични твитови во кои се повикува на ослободување на неколку американски сојузни држави.

Твитот на Маск беше споделен над 55.000 пати. Исто така, познат е и неговиот став според кој Ковид-19 може да се третира со лекови против маларија.