Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да го поддржи законот за поништување на лустрацијата.

Пратениникот Зоран Илиоски од опозициската партија денеска во Собранието изјави дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористат сите законски средства за да го спречат донесувањето на Предлог законот за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација, во прво читање.

-Партијата на аболицираниот Зоран Заев сега прави аболиција на кодошите. Децата на кодошите си ги амнестираат своите предци, рече Илиоски.

Според него, „со СДСМ Македонија стана единствена држава во Европа во која нема лустрација на кодошите на комунистичкиот режим кои изградија цели кариери врз таа база“.

-СДСМ им овозможува на десеттици кодоши кои зацрнија цели семејства, сега да добијат пари од буџетот, кој го полнат децата на некогашните нивни жртви, рече Илиоски додавајќи дека законот што го предлага СДСМ е во целосна спротивност на европските и демократските принципи.

Затоа, рече тој, ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи, и морална и политичка одговорноста за кодошите мора да има.