Изјава на Русковска по одредениот 30-дневен притвор за Јанева

116

Обвинителката Вилма Русковска по одлуката на судот да ѝ одреди 30-дневен притвор на Катица Јанева, вели дека нејзината колешка претхдно не била осомничена во случајот „Рекет“, бидејќи немало доволно докази, пренесува Макфакс. Русковска потенцираше дека вчера не било барано апсење на Јанева, за да ѝ се даде шанса да даде свое видување.

„Не се смени ништо од вчера до денес. Сметав дека треба да ѝ се даде шанса на колешката да даде свое видување и тоа беше причината. Предметот е многу експониран во јавност, едноставно сакав да ја слушнам што сака да каже. Не ја ислушав како сведок. Не би барала притвор без доволно докази. Во меѓувреме, се собраа доволно докази, кои укажуваат на кривичното дело. Ако имав доволно докази за некој друг и тој ќе беше во притвор“, рече Русковска по распитот на Јанева во судот.

Обвинителката Русковска вели дека истрагата продолжува, а дополнително ќе се види до какви сознанија и докази ќе дојде Обвинителството за организиран криминал и корупција. Русковска тврди дека немала политички притисоци со цел да спречат истрагата да се прошири кон Катица Јанева.

„Кога беа првите двајца осомничени, им беше одобрен притвор по наше барање. Истрагата продолжува и ќе видиме каде ќе не однесе. Не сакам оваа истрага да биде реалити шоу. Сум немала политички притисоци“, додаде Русковска.

 

„Судијата се консултираше со мене, јас реков дека е човечки да ѝ се дозволи да оди на погреб кај мајка ѝ“, рече Русковска.