И покрај апелите од надлежните институции, граѓаните на Скопје, наместо во садовите за отпад, ѓубрето го оставаат околу контејнерите. Ова се случува постојано, во речиси сите општини во градот.

Очигледно дека тоа не допира до свеста на граѓаните, иако тоа претставува пред се опасност по нивното здравје и ја загадува околината, а посебно во летниот период кога се шири и неподнослива смрдеа. Не само комунален отпад, до контејнери се остава и градежен шут, остаток од реновирање или градење.

Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ кои се задолжени за собирање и одлагање на комуналниот отпад велат дека немаат ингеренции да ги санкционираат сторителите на ваквите прекршоци.

– Она што ние го правиме на терен е да ги информираме и едуцираме граѓаните како правилно да постапуваат со отпадот. Доколку граѓанинот се затече на лице место ние му врачуваме едукативно-информативен записник и ништо повеќе од тоа не смееме да сториме, иако за жал многу често се случува отпадот да се одложува неправилно, изјави Ана Марија Бранѓолица, портпарол во „Комунална хигиена“.

Таа додава дека со неправилното исфрлање на отпадот наместо во контејнерите, покрај нив се создаваат диви депонии и со тоа директно се загрозува животната околина и се доведува во прашање здравјето на луѓето.

Последен пат, на почетокот на овој месец, од ЈП „Комунална хигиена“ реагираа на неправилно одложен отпад на територијата на општината Ѓорче Петров, каде што градежен шут беше фрлен во контејнери за комунален отпад, а претходно во периодот од 24 до 26 мај тие регистрираа неправилно одлагање на кабаст отпад покрај контејнери на улиците: „Франклин Рузвелт“, „Аминта Трети“ и „Цветан Димов“ и тоа во општините Карпош, Центар и Чаир. Не помогнаа и кампањите за поттикнување на јавната свест за правилно постапување со отпадот, но и дека постојано апелираат до граѓаните отпадот да не го исфрлаат на јавни површини.

Од Градот Скопје соопштија дека нивните комуналните редари изминатиов период ги засилиле контролите на терен што резултирало со зголемување на казните и опомените и видливи резултати, значително подобрени во однос на претходните години.

– Во периодот од јануари до мај годинава се изречени вкупно 649 мандатни казни, што претставува четирикратно зголемување на бројот на изречени казни во споредба со истиот период во 2018 година, кога биле изречени 149 мандатни казни, изјавија градските власти.

Од таму информираат дека изречените мандатни казни се однесувале на сторени прекршоци според Законот за јавна чистота, член 14, и изнесуваат од 50 евра во денарска противвредност.    (А.П.)