Израел денеска создаде национална мрежа на пунктови за брзо тестирање на коронавирус, соопшти службата за итни случаи „Маген Дејвид Адом“. Во меѓувреме, израелската  Влада се обидува да спречи уште една блокада поради пандемијата.

„По барање на Министерството за здравство, „Маген Дејвид Адом“ отвори денеска 120 пунктови за брзо откривање на заразата“, се вели во соопштението на МДА. Тест центрите се насочени кон невакцинираните и оние кои оздравеле од вирусот а им треба здравствена картичка.

Резултатите од тестот се добиваат за 15 минути.

Од денеска наутро, невакцинираните лица мора да приложат негативен тест на коронавирус, не постар од 24 часа, а здравствените картички ќе бидат дозволени за деца под 12 години од 20 август.

Во последната недела, Израел регистрираше во просек повеќе од 3.000 нови случаи на коронавирус дневно, што е најголем број од април.

Тестовите на новите пунктови ќе чинат 16 американски долари и ќе им овозможат на тестираните да добијат пропусница од Министерството за здравство, со важност од 24 часа.

„Заклучувањето ќе биде воведено во краен случај, а ние ќе сториме сé што можеме за да го избегнеме“, изјави министерот за здравство Ницан Хоровиц, поздравувајќи го започнувањето на услугата за брзи тестови.

Минатиот декември, земјата со девет милиони луѓе беше една од првите која започна голема кампања за вакцинација, благодарение на договорот со фармацевтскиот гигант „Фајзер“, што и овозможи брз пристап до милиони дози во замена за биомедицински податоци за ефектите од вакцината.

Во изминатите 24 часа во Израел се потврдени 2.886 нови случаи. Од 602 лица кои се хоспитализирани поради Ковид-19, 348 се наоѓаат во тешка состојба. Од почетокот на пандемијата, повеќе од 6.500 луѓе починаа во Израел од коронавирус, а речиси 900.000 се заразени.