Израелските авиони гаѓаат „клучни локации“ во Појасот Газа, ЕУ повикува на „одговорност“/ВИДЕО

342

Израелски воени авиони нападнаа локации во Појасот Газа рано утринава, откако ракета падна во јужен Израел и додека тензиите достигнуваат точка на вриење на окупираниот Западен Брег, каде што израелските сили убиле 10 Палестинци од минатата недела, јавува Ал Џезира.

Израелската војска соопшти дека воздушните напади во раните утрински часови во неделата биле насочени кон фабрика за оружје и подземен тунел на Хамас, пренесува новинската агенција Асошиејтед прес.

Погодени се „клучно место за производство на ракети“ управувано од палестинската организација Хамас, која владее со Појасот Газа, и тунел на Хамас во јужниот дел на крајбрежниот појас, соопшти израелската војска.

Нападот се случи откако палестинските милитанти во Појасот Газа, наводно, истрелале проектил кон израелската погранична област во саботата вечерта, за прв пат по еден месец.

Ниту една група не ја презеде одговорноста за ракетата, наводно првата истрелана по еден месец, за која израелската војска соопшти дека паднала на отворен простор во близина на израелската граница во саботата вечерта без да предизвика жртви, или штета.

Ситуацијата на окупираниот Западен Брег е тензична со месеци.

Според палестинското Министерство за здравство, оваа година 159 Палестинци се убиени во врска со воени операции, во судири или во самонанесени напади. Во Израел и на Западниот Брег, оваа година во напади загинаа 31 цивил, или припадници на безбедносните сили.

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, рече дека е „многу загрижен поради зголеменото ниво на насилство на окупираниот Западен Брег“.

„Само во последните неколку дена, 10 Палестинци беа убиени од страна на ИСФ (израелските безбедносни сили). „Вчерашното трагично убиство на Палестинецот Амар Мифлех од страна на припадниците на ИСФ (Израелските безбедносни сили) е последниот пример“, рече Борел.