Изложба на Шелја Камериќ од Сараево насловена „Доаѓаме со поклон“ ќе биде отворена денеска (27 септември) во Чифте амам во 20:30 часот, а претходно, од 19 часот ќе се одржи разговор со познатата уметница.

Камериќ (Сараево, 1976), која живее и работи во Берлин, Истра и во Сараево се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор во човековиот живот и на особеностите со кои резултира борбата на жените. Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети.

Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и постструктуралистичките гледишта, изложбата исто така има цел да расветли обични, домашни и познати секојдневни елементи и да им даде акцент на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание.

Оваа намера е внимателно внесена во новата измена на централното дело на изложбата „Доаѓаме со поклон“, кое прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс – панделка од женската долна облека и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност. Овој гест – претераното издолжување на панделката – си поигрува со идејата за предмет што и не е веќе предмет, туку има свој сопствен живот, своја сопствена волја и моќ…

Кураторка на изложбата е Наталија Пауниќ.