Во Културно-информативниот центар во Скопје, во изложбениот салон “Империјал 2“, од 27 мај до 10 јуни ќе биде отворена изложбата на цртежи насловена “Црно-шарено“ од ликовниот уметник Дарко Аницин.

На изложбата авторот ќе се претстави со 25 цртежи, работени во акрилик на хартија, создадени последнава година.

Инаку, Дарко Аницин е роден 1977 година во Скопје. Завршил Средно уметничко училиште “Лазар Личеноски” и Факултет за ликовни уметности при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Создава графики, цртежи и слики од самите почетоци на своето образование до денес. Тој има современ, специфичен стил на творење, со истакнати и рафинирани визуелни поентирања, што од прва рака говори за графичарски манир на прецизност, чиста и јасна мисла и длабок квалитет на академски уметнички израз.

Изложбата ќе биде отворена до 10 јуни 2020 год.