Изложба на Свилен Стeфанов во македонскиот КИЦ во Софија

52

Во галеријата на Културно-информативниот центар на Македонија во Софија вечерва ќе биде отворена изложбата на ликовниот уметник Свилен Стефанов, во рамки на проектот „Поврзување“, кој е во духот на поврзувањето на творештвата на авторите од нашата земја и Бугарија.

Свилен Стефанов (1966, Софија) е ликовен уметник, историчар на уметноста, критичар и куратор. Професор е по историја на уметноста на ХХ век во Националната ликовна академија, доктор по теорија и историја на уметноста. Неговата приказна како уметник, куратор и критичар е сврзана со групата XXL, создадена во Софија во 1994 година.

За неговото сликарство, авторот вели дека е резултат од доволно долго искуство на полето на самата материјалност на оваа уметност, но неспоредливо повеќе, тоа е последица од неговите занимања со теоријата и историјата на уметноста, како и со неговата дејност како ликовен уметник во 90-те, кога негови преферирани изразни средства биле фотографијата, текстот и перформансот.

„Уште во последната деценија од минатиот век бев меѓу основачите на идеологијата на групата XXL, преку која нашата современа уметност доби ново звучење, различно од постојните тогаш ‘социјалистички’ парадигми, или од наметнуваниот (од определени средини) како задолжителен за ‘современиот уметник’ неоконцептуализам. И денес, сосема со умисла, работам во полето на ликовното, кое е сврзано со традицијата, но тоа е повторно дел од моите разбирања за независност“, посочува Стефанов.

Отворањето на изложбата ќе се одвива со почитување на мерките за справување со ковид-19. По „Изгубени простори“ на Марјан Ѕингаров, ова е втора изложба од проектот „Поврзување“ на КИЦ на Македонија во Софија.