Изложба на „Македонски стрип автори“ во Куманово

233

Во Изложбениот салон на Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово, на 19 септември, со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложба на “Македонски стрип автори“. Изложбата е во организација и координација на НУЦК “Трајко Прокопиев“ Куманово во соработка со Македонскиот стрип центар – Велес, и е дел од Годишната програма на Министерството за култура на Македонија.

Целта на настанот е промоција на македонската стрип култура и стрип автори од Македонија од разни генерации, а на истиот ќе бидат претставени околу дваесетина автори од Куманово, Скопје, Велес и Штип.

„Инаку стрипот на овие простори беше многу популарен во периодот од 1970 – 90 година, но под влијание на други медиуми коишто како новина го преземаа просторот на визуелнaта јавна сцена (видео артот, интернетот со видео содржини, стрипот во електронска форма и др.) печатениот стрип формат скоро и да исчезна од јавниот простор. Токму од тие причини и сакавме да го актуализираме стрипот презентирајќи дел од творештвото на нашите стрип автори“, стои во најавата кон изложбата.