Изложба на дела и фотографии на Јожеф Обремски во Македонски Брод

54

Во Домот на културата во Македонски Брод беа изложени дела и фотографии на Јожеф Обремски, полски етнолог и истражувач, кој во периодот од 1932-1933 година престојувал во Поречијата во село Волче и ги проучувал обичаите, традициите и се што е поврзано со овој регион.

-Во изложбениот салон од Домот на културата во Македонски Брод ги претставивме делата и фотографиите создадени во периодот помеѓу 1932-1933 година од страна на Полскиот истражувач и етнолог Јожеф Обремски, кој во период подолг од една година ги проучувал обичаите, традициите и се што е поврзано со овој регион. Беа претставени сите трудови на Обремски поврзани со Порече и тоа „Фолклорни и етнографски материјали од Порече“, потоа „Порече 1932-1033 година“, книгата „Македонски етно-социолошки студии“ и трудот „Јожеф Обремски значаен истражувач на народната култура на македонците“. На изложбата беа претставени и голем број автентични фотографии од тоа време, почнувајќи од свадбите во Порече, потоа Порече свечености и обичаи, народната медицина на Порече и многу други тематски споени фотографии, истакна Милена Стојческа, директор на Домот на културата во Македонски Брод.

Ова книжно богатство и овие фотографии се во трајна сопственост на храмот на културата од овој град и засекогаш ќе останат како потврда дека тука престојувал еден голем научник од Полска, во чија чест поставена е негова биста во селото Самоков.