Во Меѓународниот културен центар во Краков, Полска, е поставена изложба на уметнички дела од полски автори што ги поседува Музејот на современа уметност-Скопје.
Пред полската јавноста се претставени 76 дела – цртежи, графики, скулптури, слики, плакети и архивски материјал. Од основањето на МСУ и донацијата на полските автори составена од 212 дела од 134 автори, полската колекција на МСУ првпат ќе биде изложена во земјата донатор.
Изложбата е насловена „Скопје град, архитектура и уметност на солидарноста“. Кустосите од Интернационалниот културен центар во Краков – Моника Рудигер, Агата Васовска и Лукаш Галушек, во соработка со кустосите Марика Бочварова-Плавевска и Благоја Варошанец од МСУ, во 2018 направиле финална селекција на делата за претстојната изложба.
Во соработка со Архитектонскиот факултет при УКИМ и Музејот на Град Скопје, во склоп на изложбата во Краков ќе бидат презентирани и пет макети: Градски архив на Скопје, Телекомуникациски центар Скопје, Универзитетски кампус „Св.Кирил и Методиј“, Музеј на современата уметност и Македонска опера и балет, како и оригиналната макета за изгледот на постземјотресно Скопје на Кензо Танге.