Изложбата „Голема мајка“ на Љубе Алексовски во Кичево

65

Во уметничката галерија на Центарот за култура во Кичево е поместена изложбата „Голема мајка“ на ликовниот уметник од Скопје, Љубе Алексовски, кој одбележува четири децении работа.

На изложбата ќе бидат претставени стотина дела на авторот.

„Првпат се претставувам пред кичевските љубители на уметноста. Изложбата се состои од колажирани фотографии, алтернативни, кои ги работам полни 40 години“, посочува Љубе Алексовски, потсетувајќи дека изложбата покрај во Кичево на 18 март ќе биде претставена и во Куманово.

Во Куманово изложбата ќе има работен наслов „Татко“, со што, според авторот, меѓу двете изложби ќе има поврзување како помеѓу Земјата и Сонцето.  „По примерот на овие две изложби во Кичево и Куманово, ќе продолжам да спојувам два града со нови циклуси на изложби и со нови работни наслови“, додава Алексовски.

Тој досега има организирано 14 самостојни изложби, а бил дел и од 112 групни изложби во земјава. За годинава има планирано нови изложби во повеќе градови во земјава.