Пред 40 години поради љубов отиде во Париз, а поради љубов спрема модата остана засекогаш. Се до лани, кога тој, Изет Цури се врати во родното Скопје, во старата Скопска чаршија и реши да го прави тоа што го правеше и кога беше дете – да создава облека.

Сега совршена, до најситен детаљ изработена, што би рекле како со рака не допрена. Речиси фантазија. Со него, барем преку приказните се прошетавме по калдрмата на Монмартр, ги разгледавме одблизу  брендовите на кои им се одушевуваме, за на крај да се вратиме на нашата  калдрма во Скопската чаршија. А од таму почнува една нова приказна која допрва ќе се раскажува.

Духот на Париз во Скопје

Од неодамна старата Скопска чаршија е збогатена со уште едно креативно катче, поразлично од другите. Во него, младите креативци кои сакаат уметност, мода, имаат секојдневна можност да учат од Вас, односно да го споделите знаењето стекнато во срцето на светската мода, во Париз, во изминатите децении. Колку Ви прави кејф ова училиште?

За мене, Скопската чаршија беше голема жива атмосфера. Од 1964 година поминував низ Чаршијата двапати дневно, кога одев кај мојот мајстор Сале да учам занает. Чаршијата беше место каде што се одржуваа занаетите живи и се работеше и во сабота навечер.

Во Македонија најголема индустрија е текстилната индустрија и затоа заслужува да има школа за мода. Младите дизајнери кои имаат страст за модата, можат да научат она што го научив во Париз, со најпознатите модни куќи. Денес најголема радост за мене е гордоста што успеав да го донесам духот на Париз во Македонија.

Сега занаетчиите не постојат, а јас секогаш сонував да бидам дел од неа и да можам да направам нешто во Скопје, но никој не беше заинтересиран за тоа, сè додека пред неколку години не ме повика господинот Изет Меџити, тогашниот градоначалник на Чаир, кој ми понуди соработка.

Дојдов во Скопје за да направам Школа за мода во Скопје, истата што ја направив во Косово во 2005 година. Прифатив, се разбира, со некои услови. Тој ми покажа неколку локации, но јас ја одбрав токму Старата скопска чаршија, бидејќи сум таа, и личи на ова училиште ни го дадоа само на вториот кат, иако требаше целиот објект.

Што ви е целта, на што сакате да ги научите?

Во Македонија, индустријата работи само со лон систем, мислам дека фабриките треба да бидат претставени со нивни колекции, брендови, дизајнери, да се претстават себеси како вистинска модна кука, а не само како фабрика за производство. Тука има многу млади таленти и дизајнери, па затоа модната индустрија треба да се прилагоди на нив.

Правевте облека за светски ѕвезди како Изабела Аџани, Моника Белучи и многу други. Колку беше тешко да се погоди нивниот вкус, беше ли тешко да се соработува?

Отидов во Франција во 1972 година. Имав голема среќа да работам со најголемиот луксузен бренд Hermes, бидејќи тоа беше стара и луксузна компанија, постојано имаше познати луѓе, па ги запознав актерите, го запознав тој свет, а потоа и се дружевме, во 1974 година. Тогаш веќе го имав мојот бренд, тогаш доаѓаа славните имиња.

Изабела Аџани дојде кај мене со нејзината мајка кога имаше само 16 години, за првата улога што ја играше, мајка ѝ ми рече да дизајнирам фустан за тој проект. И оттогаш станавме многу блиски, а и денес сме во совршени односи. Таа беше најкомплицираната жена што некогаш сум ја сретнал, таа беше совршена, многу гледаше на деталите, боите, материјалите, секогаш е полесно да се работи со некој што знае што сака, а Изабела Аџани е личноста за која најмногу се трудев да и направам креации.

Моника Белучи беше жена која апсолутно го почитуваше мојот избор и секогаш работев со неа со љубов. Јас и денес се плашам дали некому ќе погодам, дали ќе му се допадне тоа што го правам на клиентот, па стравот од работа ме следи цел живот и затоа и сега работам со иста возбуда. Најлесни за соработка беа мажите како Кристофер Ламберт, Жерар Депардје и други.

Вашата прва работа за голема марка беше за светскиот Hermes. Дали тогаш бевте свесен за величината на брендот, односно дали тоа дополнително ве оптоваруваше дека мора да бидете совршени?

Пред да одам во Франција, немав претстава за кој било бренд, тогаш немавме информации за тоа како во денешно време.

Кога отидов во Париз, знаев дека е голем град и  најпознат по мода, дека има најлуксузни работи, меѓутоа кога отидов бев апсолутно изненаден.

Кога ги видов витрините на Hermes,  се запрашав кои се тие луѓе и тие раце што можат да работат толку детално и  убаво, видов многу луксузни материјали и дела што никогаш не сум ги видел дотогаш, односно не знаев дека такво нешто постои.

Јас секогаш велам дека во животот имав трема само двапати – кога поднесов барање за возачка дозвола и кога отидов во интервју во Hermes, се тресев и не можев да стојам.

Дојде време да работам во таа компанија кога ме примиja и ме однесoa во работилницата каде што видов дека нема апсолутно ништо поразлично од тоа јас го работам со моите мајстори во Скопје. Најверојатно скопските мајстори би биле на исто ниво со тие во Франција. Потоа се смирив и самиот се прашував од каде јас знам толку обаво да шијам.

Јас сум горд на моите мајстори: Сале, Ангелковски, Томе зошто со знаењето кои тие ми го дадоа јас ги отворив вратите на најлуксузните модни куќи во Франција. Денес сакам да ги советувам младите да немаат комплекси, бидејќи јас сум дете од Чаир, од Гази баба, а  успеав да работам со големи и познати компании. Потребно е само многу работа и учење Бидејќи сите компании во светот бараат нови таленти кои знаат да работат сериозно во насока на моделирање и стилистика. А тоа го учиме.

Кој имаше најголемо влијание врз Вашата работа?

Како што реков, не знаев ништо за тие имиња, знаев за модата во 30-тите и 50-тите, но немав некое посебно знаење за тоа. Но, кога отидов во Франција и открив многу творци во раните 70-ти, токму кога се појавија огромни таленти, а јас бев присутен таму во тоа време и бев изненаден колку се креативни.

Никогаш не замислував дека моделите се направени на тој начин, почнав да учам различни стилови како класицизам, авангарда, минимализам. Меѓу толку многу дизајнери го избрав Тиери Муглер, за кого го напуштив Hermes. За мене, Тиери Муглер е најголемата авангарда, после Чапарели, Диор, тој беше најголем во 80-тите години, работевме заедно 20 години, а денес сум инспириран од него.

Го запознав најголемиот мајстор Азедин Алаја и можам да кажам дека е најдобриот моделар во светот. Тиери Муглер и Азедин Алаја беа најголемата инспирација за мене. И денес имам проблеми и се обидувам да се разликувам од нив, а тоа поранотешко ми успеваше.

Заминавте во Париз случајно и останавте 40 години. Случајно или намерно?

Морам да кажам дека прво љубовта ме натера да одам во Париз, а потоа и модата. Да размислувате за модата, тоа значи за Париз. По неколку дена откако го открив овој град, знаев што сакам, каде ќе живеам, каде ќе се инспирирам, каде сакам да работам. Мојот избор беше да останам во Париз.

Сакам да кажам – немојте да мислите дека ако купите два метра материјал или ќе направите 10 цртежи, вие сте креатор. На креаторот е најголемата одговорност во една компанија, целата индустрија се заснова на знаење и талент, па затоа треба да работите многу. Модната индустрија е голема индустрија. За да бидете креатор ви треба општа култура, да разберете како работи оваа индустрија. Затоа студентите одат во Париз, двапати годишно, каде ги посетуваат модните куки и најголемата модна ревија „Премиер визија“.

 

Колку пандемијата на вирусот ковид влијае на модата во светот?

Не само модната индустрија тука, целиот свет не функционира како порано. Вирусот е само изговор за нешто да се промени.

Во мода, моделите нема да се менуваат, гардеробата ќе го смени начинот на кој ќе се претстави.

Индустријата ќе мора да се прилагоди на условите што ги имаме. И мислам дека после ова повеќе ќе работат роботи отколку луѓе. Моја желба е да има луксуз, ракотворби, персонализирани работи за луѓе кои имаат вкус, тие се посебни, а имаат и пари.

На крајот, сакам да ви посакам многу здравје во овие тешки моменти, да го заштитите вашето здравје колку што е можно, здравјето на другите, да работите напорно и да се прилагодите на времето. Се надеваме дека оваа состојба ќе помине, се надевам дека сè ќе биде подобро.

Лилјана ГРЏО ДАМОВСКА