Ликовниот уметник и графичар Зоран Бошковски од Тетово ја издаде публикацијата „Графичка мапа“. Во публикацијата се претставени неговите 21 графика изработени во линорез, колографија и монотипија, што беа дел од самостојната изложба на 30 ноември во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје. Графиките се создадени во периодот 2018-2021 година и претставуваат циклус на авторот во кој доаѓа до одраз православниот мистицизам.

Мотивот е земен од духовноста на православието.

“Прозвучува неговата химна на животот како сакрална творба на овоземните искушенија, прозвучува длабочината на мислата за осознаените, вкусените и допрени нешта. Контемплативното не нурнува, загатнува и извишува и повторни немироти јанѕата преточени во запис го изнаоѓаат својот спокој небаре издлабиле пат кон нашите длабоко потиснати и недоразкриени лавиринти каде се потхранети најкревките и најсветлите нешта- љубовта, верата, вербата, надежта, поривите за осознавање и одмерување на вредностите“, посочи ликовниот критичар Виолета Калиќ за делата на Бошковски.

Авторот е роден во 1970 година во Тетово. Завршил Академија за ликовни уметности завршил во Скопје во 1994 година. Во 2019 година магистрирал графика во класат на Зоран Јакимовски. Досега има десет самостојни изложби и учесник на поголем број групни претставувања и светски биеналиња за графика.