Црна Гора е атрактивна и вонсезонски и во овој период на годината кога летото календарски си замина, но македонски туристи тек-тук сè уште има. Во оваа земја ќе ве пречекаат различни цени на прехранбените производи, некои повисоки од нашите, а некои се речиси слични. Така бел леб на парчиња од 500 грама во Будва се продава 0,85 евра, а млекото чини од 1,25 евра па нагоре. Од млечните производи, павлаката на „Имлек“ со 20% масленост чини 0,65 евра, литар јогурт со 2,8% масленост е 1,2 евра, гауда на „Виндија“ е 12,6 евра, а фета сирење – 3,49 евра. Месото е речиси со слична цена како кај нас    

 

 

Црногорско приморје e една од дестинациите на која туристите од Македонија со задоволство го поминуваат годишниот одмор. Поради коронавирусот и епидемиолошките мерки што важеа претходните години, многумина се откажаа од летувањето, па ова лето им беше можност да го наполнат пропуштеното и да уживаат во убавините на Јадранско Море од Игало, преку волшебната Будва до Ада Бојана.

Црна Гора е атрактивна и вонсезонски и во овој период на годината кога летото календарски си замина, но македонски туристи тек-тук сè уште има. Таков е случајот со скопјанката Светлана В., која септември го поминува во Будва и за весникот ВЕЧЕР раскажа какви се цените на прехранбените и земјоделските производи, како и на енергенсите во овој град.

Со оглед дека во Црна Гора официјална платежна валута е еврото, во продолжение цените на посочените производи ќе бидат прикажани во евра.

Така, во маркетите маслото за јадење од Македонија чини 1,8 евра, додека српските се нешто поскапи и чинат 2 евра и нешто. Млеко има на тони и чини од 1,25 евра па нагоре.

Бел леб на парчиња од 500 грама во Будва се продава 0,85 евра, а Светлана вели дека има и поскапи лебови, на пример од 320 грама чини 0,65 евра, во пекарите е до 90 центи, а во маркети и над едно евро. Килограм црногорско брашно чини 0,67 евра.

Од млечните производи, павлаката на „Имлек“ со 20% масленост чини 0,65 евра, литар јогурт со 2,8% масленост е 1,2 евра, гауда на „виндија“ е 12,6 евра, а фета сирење – 3,49 евра. Македонско трничко сирење чини околу 10 евра и нешто.

Месото е речиси со слична цена како кај нас. Така, килограм свинска плешка без коски чини 4,25 евра, а Светлана вели дека нешто поскапи се кременадлите и свинскиот бут – 4,6 евра. Јунешка плешка килограм е 9,99 евра, а кило мешано мелено месо – 7,5 евра.

Сувомесните производи се со слична цена како кај нас. Тенко сечена пршута во фолија со тежина од 100 грама чини околу 10 евра.

Тоалетната хартија „хармони премиум“ 10 парчиња чини 1,99 евра, што е многу поевтино од кај нас, бидејќи цените достигнуваат и до 3, па и повеќе евра во нашите маркети.

Што се однесува до цените на овошјето и зеленчукот, Светлана наведува дека во Будва се изгор. Таму зелената салата се продава не на парче како кај нас, туку на кило. Така, килограм зелена салата чини 4,7 евра, а една доаѓа околу 80-90 центи. Килограм кромид чини 0,7 евра, а сè друго е речиси над 2 евра. Светлана потенцира дека само бананите се намалени на 1,55 евра.

Инаку, цените на горивата во Црна Гора изнесуваат:  бензините чинат 1,26 евра за литар, на дизелот – 1,48,  а на маслото за греење – 1,68 евра. Овие цени се од последната промена која е направена на 26 септември.

– Цените не се сменети откога дојдовме. Инаку, корона тестирање во здравствен дом во Будва е бесплатно. Лекарски преглед за туристи е 20 евра, а такси на помала релација е 2 евра, ама Будва и онака е мала – додава Светлана.

Што се однесува до цената на лежалките, две лежалки со чадор на плажа на Свети Стефан се од 40 евра прв ред, до 25 евра петти ред, ама без кафе, сок…

– На Плоче кај што иде Новак Ѓоковиќ се 10 евра плус 4 евра за трета лежалка, исто и на Словенска плажа. Лани беа многу поскапи од 15 евра нагоре – вели Светлана.

Од цените во Будва може да се заклучи дека се многу слични како кај нас, но разликата е во тоа што платите во Црна Гора се повисоки.

(С.Бл.)