Изгоре до темел омиленото место на голем број пејачи,  кафеаната на музичарот Трајче Толевски-Мајка – Причините, засега, непознати

19154

Популарниот македонски музичар Трајче Толевски, попознат по прекарот Мајка, член на групата „Скопски боеми“ и водител на многу гледаната фолк-емисија „Мерак меана“, остана без својата, исто така популарна кафеана, „Камин кама“. Истрагата допрва ќе ги утврди причините за тоа зошто овој омилен угостителски објект на голем број наши пејачи, со молскавична брзина се претвори во пепел. Финансиската штета е преголема, па тешко дека објектот ќе биде толку брзо реновиран каде што ќе може да се слават новогодишните и останатите претстојни празници. Но ќе се направи се што може, работата пак да заживее во најкус можен рок. Инаку, вистина е дека во „Камин кама“ се правеа најдобрите такви забави.

Како и да е, Трајче Толевски не ја испушта насмевката од лицето и оптимизмот е неговото постојано “оружје“. Тој вели дека најважно е што нема повредени луѓе и не дај Боже загинати. Пожарот едвај беше ставен под контрола, поради брзина со која се ширеа огнените јазици.

– Лошото нека остане овде. Ќе ја обновиме „Камин Камa“, а најважно е сите ние да сме живи и здрави. Сега-засега, останете на фреквенцијата на телевизијата „Сител“, секој викенд попладне, со „Мерак меана“. Јас ве чекам со песната, и подзасилен со сите ваши пораки кои ми даваат верба дека чесни луѓе се уште постојат. Исто така голема благодарност им упатувам и на новинарите кои застанаа на мојата страна, порача популарно-омилениот Мајка. (Д.M.)