Изгласани проекти за поддршка на културата, спортот и обрасованието

35

Советот на Општина Карпош во рамки на денешната четврта онлајн седница даде согласност за започнување на постапка за распишување јавен оглас за доделување на стипендии за талентирани ученици – спортисти, кои учат во осмо и деветто одделение во општинските основни училишта на подрачјето на локалната самоуправа.

Висината на стипендијата ќе изнесува 2.500 и 3.000 денари месечно, за четири месеци во текот на учебната година.

Како што информираат од прес-службата на Општина Карпош,  советниците дадоа поддршка и на одлуката за објавување јавен оглас за доделување на стипендии за талентирани ученици од шесто до деветто одделение, од основните училишта на своја територија.

– Во овој случај, основците кои ќе конкурираат на огласот, треба да имаат освоено прво, второ или трето место од областа на науката, техниката, културата или уметноста, на некој општински, градски (регионален), државен или меѓународен натпревар. Зависно од бодувањето, висината на стипендијата ќе изнесува 2.500 и 3.000 денари месечно, за четири месеци во учебната година, посочуваат од Општината.

Советниците ја поддржаа и иницијативата на Општина Карпош, која со фонд од 30.000 денари ќе обезбеди финансиска поддршка и парична помош за проект од областа на образованието (социо-емоционална поддршка на учениците, иновативни методи и техники во наставата, спорт и култура во образованието, како и инклузивни пристапи во образованието). На јавниот оглас кој ќе го распише Општината, можат да учествуваат сите заинтересирани физички лица, здружанија на граѓани, претпријатија, ученици, наставници и правни лица кои се регистрирани за дејности од областа на образованието.

Со одлука на Советот на Карпош, локалната самоуправа ќе потпише Договор за соработка за поддршка на Проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“, за календарската 2022 година. Целта на овој проект е вклучување на децата Роми во предучилишното образование и унапредување на положбата на Ромите и нивна интеграција во општеството. Трошоците за престој на децата, ќе бидат покриени од блок дотациите што општината ги добива од Министерството за труд и социјална политика.

Советниците од Карпош дадоа „зелено светло“ и за двата предлога од областа на културата. Станува збор за одобрување на финансиски средства во износ од 300.000 денари, кои Оштина Карпош ќе ги обезбеди за МКУД „Цветан Димов“. Имено, ова културно уметничко друштво ќе ги искористи средствата, за одбележување на 50 годишниот јубилеј од своето постоење. Во вториот случај, Општина Карпош ќе обезбеди 400.000 денари од предвидените финансиски средства од буџетот за 2022 година, за поддршка на проекти од областа на културата, наменети за физички и правни лица кои живеат и работат на подрачјето на локалната самоуправа. Понатаму, општината ќе распише јавен оглас кој ќе се однесува на проекти кои се поврзани со издавачка дејност, фолклор, музичко – сценска и ликовно – изложбена дејност, како и глума. Во зависност од приложените документи, општина Карпош ќе ја додели висината на финансиската поддршка во рамки на своите можности, односно со фондот со кој располага.

Советот ги прифати и двете донации од општествено одговорните компании, наменети за најмладите жители на Карпош.

– Имено, „Алкалоид“ АД Скопје донира 2.167 производи „Бекутан КИДС ВИТС“ – мултивитамински сирупи, кои ќе ги користат дечињата на возраст над една година, сместени во градинките на територија на општина Карпош. Вкупната донација изнесува 346.720 денари без вклучен ДДВ. Втората донација ја обезбеди фирмата Индивиа Дооел Скопје, во висина од 131.000 денари со вклучен ДДВ. Донацијата е наменета за основците од Карпош кои доаѓаат од социјално ранливи категории или пак се деца на самохрани родители. Како превентивна мерка со цел да се заштити нивното здравје, учениците ќе добијат медицински суплементи за секојдневна употреба. Станува збор за орален спреј за поддршка на имунитетот во зимските денови, потоа сируп за превенција од настинка, вируси и грип, како и сируп за ублажување на првите симптоми при синусни воспаленија, посочија од општината.

Советниците го поддржаа и предлогот на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, за формирање на Штаб и Просторна единица за заштита и спасување на луѓето и материјалните добра од природни непогоди, епидемии, воени разурнувања и други несреќи и отстранување на последиците од нив. Инаку, овие организациони единици не се новина, туку тие се континуитет на една иста или слична организациона поставеност од минатото, од самото постоење на локалната самоуправа. Поточно, просторните сили за заштита и спасување во Општина Карпош функционираат повеќе години наназад, низ неколку мандати на локалната самоуправа.

– Просторните сили за заштита и спасување кои би дејствувале на подрачјето на Општина Карпош, се формираат како универзални сили и се опремуваат, обучуваат и оспособуваат за давање на прва медицинска помош, гаснење на помали почетни пожари, спасување на загрозени и затрупани лица во плитки урнатини, спасување од поплави, учество во засолнување, како и евакуација и згрижување на населението. Материјалните и финансиските средства кои им се потребни на Просторните сили за заштита и спасување (како на пример, теренско возило, шатори, чамци, пумпи, униформи, носилки, и друг алат), ќе бидат обезбедени од Буџетот на Општина Карпош, потенцираат од општината.

Советот на Општина Карпош гласаше и за предлогот со кој му се дава овластување на градоначалникот Стевчо Јакимовски, да се обрати до службите на Град Скопје и до Министерството за внатрешни работи, за поставување на светлосен уред за регулирање на сообраќајот кај пешачкиот премин на булевар „Партизански одреди“ (во близина на Т.Ц „Антико“) и за дислоцирање на автобуската постојка на улица „Љубљанска“ (последна 19-ка), со цел поголема безбедност на пешаците.

Советниците го поддржаа и предлогот кој се однесува на седниците на Советот кои ќе се одржуваат на ZOOM платформата, да се пренесуваат во живо на општинскиот Facebook профил или официјалниот You Tube канал.