Изгласана поделбата на МЈП „Проаква”, најавена санација на Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро

128

Изгласана поделбата на МЈП „Проаква”, најавена санација на Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро

Охрид, 18 октомври 2019 (МИА) – Советот на Општина Охрид на денешната седница едногласно ги усвои одлуките за поделба на Меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква” и за склучување спогодба за присоединување на настанатите единици од Охрид и Струга кон новоформираното ЈП „Колекторски систем”.

За градоначалникот на Охрид Константин Геогиески тоа е историска одлука, оценувајќи ја како инвестиција во иднината и демонстрација на грижа на државата за Охрид.

Со формирањето на ова јавно претпријатие само оваа година значи дека државата инвестирала 500 милиони денари за раздолжување на нашиот град и дополнителни 800 милиони што ги презеде како долг на „Проаква”. Значи добивме една милијарда и 300 милиони денари инвестиција во подобар живот и иднина на Охрид, рече тој.
Истовремено таквиот потег на државата, според Георгиески, позитивно ќе влијае и врз процесот на раздолжување на Општината, бидејќи делбениот биланс предвидува новото претпријатие да ги преземе и 72-та милиони денари долг на Општината кон Министерството за финансии по основ на долг за кредит земен од Светска банка за колекторот.

– На тој начин општината станува финансиски солвентна за да добие позитивно мислење од Министерството за финансии. Со тоа ќе можеме на еден јавен повик да се задолжиме кај домашни и странски финансиски субјекти и да го завршиме конечно процесот на раздолжување на Општината, рече Георгиески.

Директорот на новото државно јавно претпријатие „Колекторски систем” Владимир Алексиески појасни дека субјектот почнува да работи со буџет од 183 милиони денари. Поголемиот дел од тие средства или 2,1 милион евра се наменети за исплата на долговите кон ЕВН, додека околу 900 илјади евра за почеток на санацијата на Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро.

Ќе се санираат сите критични точки, ќе се прочистува цевководот кој на критичните места е затнат и до 90 проценти и не дозволува нормален проток на фекалните води. Ќе се користи нова технологија, нема да има нови ископувања. Ќе се добие многу поголем проток на фекалните води. Планирано е да се интервенира на пумпните станици, санација на пречистителната пумпа во Ложани, ќе се врши прочистување на секундарната канализација, изјави Алексиески, кој изрази уверување дека сите предвидени активности би биле завршени до крајот на април, наредната година.