Извршителската награда сепак ќе падне од 1000 на 300 евра!

Со измени на Законот за извршување донесени завчера, извршителите не смеат да наплатуваат од гарантираната минимална помош, детскиот додаток или социјалната пензија кои ги примаат граѓаните, а од сметките на примателите на просечна плата или пензија смеат да наплатат по една петтина, наместо една третина месечно

173

Максималната награда што ќе можат да ја добијат извршителите за успешно извршената присилна наплата од сегашните 1.000, сепак ќе се намали на 300 евра. Од Министерството за правда брифираат дека измената на тарифникот наскоро ќе биде готова и објавена, а наградата ќе биде таква како што беше претходно најавено.

Како што е познато, ова намалување на наградата за 70 проценти беше најавено непосредно пред Нова година и беше причина за протест на извршителите кои за прв пат во своето постоење на еден ден ги затворија своите канцеларии и се заканија дека трајно ќе престанат со работа, со образложение дека ќе останат без приходи. Потоа, на прес-конференција министерката за правда Рената Дескоска  најави дека намалувањето на тарифата ќе се преиспита, за сега од Министерството да информираат дека се враќаат на првата најава.

Уште една голема поволност за граѓаните се завчера во Собранието донесените измени и дополнувања на Законот за извршување. Со двете донесени измени многу им се олеснува на ранливите категории граѓани и на граѓаните со помали примања и, како што наведуваат од Министерството за правда, се гради концепт на правично извршување и заштита на достоинството на граѓаните.

Со првата од овие, втори по ред измени на Законот за извршување од присилната наплата, целосно се изземаат примањата на граѓаните кои се корисници на гарантирана минимална помош, примањата на децата согласно Законот за заштита на децата, како и примањата за социјална сигурност на старите лица, согласно прописите за социјална сигурност на старите лица.

Втората измена носи олеснување за примателите на просечна плата и пензија, како и за оние кои примаат надомест на трошоци за сместување на лице, надомест за згрижување на згрижувачко семејство и за децата кои се корисници на семејна пензија. Од овие примања извршителите ќе можат да наплатуваат, но само по една петтина месечно, а не по една третина, како што можат да повлекуваат од сметките на граѓаните со други примања.

Овие новини ќе се применуваат и на веќе започнатите извршувања.

– Измената на Законот за извршување е одраз на реалната потреба за помош и поддршка на загрозените категории на лица кои се соочуваат со егзистенцијални проблеми, но и на социјално ранливите групи на лица, кои не по своја вина не се во можност да го намират своите долгови без да им се загрози егзистенцијата, не само лична, туку и на нивните семејства, напиша Дескоска на Фејсбук.

Се подготвува олеснување и за граѓаните кои имаат стари неплатени сметки. Пред пратениците е закон со кој ќе се отпишуваат каматите на долговите кои граѓаните ги имаат кон државните доверители, како на пример локалните водоснабдителни претпријатија, АД за стопанисување со станбен и деловен простор и слично. Додека  за државните е задолжителен, отписот на каматите за приватните доверители, како на пример ЕВН, телекомите и другите ќе биде на доброволна основа. Министерството за правда појасни дека со овој  закон треба да се надмине проблемот на граѓаните со старите судски извршни предмети генерирани заради лошиот трансфер во 2011 година од судовите на извршителите и нотарите, како и со предметите дадени за извршување за наплата на долгови заклучно со 31 декември 2017 година, кои заради високите камати во долготрајните постапки, во голема мера оптоварија огромен број граѓани.

(С.В.)