Извршителите за 13 години наплатиле над милијарда евра, сега ќе наплаќаат и од социјалците

Тоа е само сумата која извршителите ја вратиле на сметките на доверителите. Нема податок за колку вкупно се олеснети должниците, зашто, како што е познато, при присилна наплата на долгот се накалемуваат и трошоци за нотар, извршител, адвокат, за блокада и одблокада на банкарска сметка и за камати, па може да се претпостави дека лани на фирмите и граѓаните им се земени не 120, туку најмалку 200 милиони евра, а за 13 години можно е извршителите да наплатиле вкупно над две милијарди евра.

272

Близу 127 милиони евра наплатиле лани извршителите од фирми и граѓани. Минатата година била една од најплодните за нив, зашто повеќе пари, над 166 милиони, што е рекордна сума, се наплатени само во 2017 и во 2013 година кога собраната сума била малку повисока од ланската и изнесувала околу 128 милиони евра.

-Според структурата на должници, извршителите во 2018 година наплатиле најмногу парични средства од должници правни лица, поточно 78.778.108,46 евра, потоа од физички лица износ од 33.432.971.41 евра и крајно од Република Македонија износ од 15.946.914,89 евра, стои во Годишниот извештај на Комората на извршители, кој е за 2018 година.  

Според тој извештај за 13 години, колку што постои приватното извршување во нашата држава, од граѓаните и фирмите, било од нивните сметки, било преку заплена на имот, присилно се извлечени фантастични 1,24 милијарди евра. Но, тоа е само нешто повеќе од една третина од сумата за чија наплата извршителите добиле налог од доверителите. Во последните 13 години извршителите примиле 1,3 милиони барања за наплата, а реализирале само 455.256, што е остварување  од 35,14 проценти.

Но, тоа се само сумите кои извршителите ги вратиле на сметките на доверителите. Нема податок за колку вкупно се олеснети должниците, зашто, како што е познато, при присилна наплата, на долгот се накалемуваат и трошоци за нотар, извршител, адвокат, за блокада и одблокада на банкарска сметка и за камати. Судејќи според практиката на извршувањето во последнава повеќе од една деценија, долговите со тие додатоци најмалку се дуплираат, но и триплираат, па и уште повеќе се зголемуваат. Затоа, може да се претпостави дека лани на фирмите и граѓаните им се земени не 120, туку најмалку 200 милиони евра, а за 13 години повеќе од две милијарди.

Граѓаните се незадоволни од работата на извршителите и преку разни невладини здруженија, со поддршка на правни експерти бараат укинување на приватното извршување. Но и покрај тоа што според бројот на барања за извршување што е објавен во извештајот од извршители била „нападната“ половина Македонија, лани Комората на извршители примила само 255 претставки од незадоволни странки.

Освен должниците, од кои е собрана најмалку двојно поголема сума од онаа што ја должат, од начинот на кој сега се спроведува извршувањето во државата се незадоволни и самите извршители. Тие бараат уште пари, зашто како што велат,  приходите им се намалуваат, па поднесоа иницијатива до Уставниот суд со која бараат укинување на два члена од новиот Закон за извршување, кој се применува од почетокот на годинава. Тие сакаат да можат да наплатуваат и од социјално загрозени лица, за што никогаш немале право, исто така и да земаат по 500 денари за налог на банка за блокада на сметка. Иницијативата е доставена и до Владата, која им препорача на уставните судии да ја отфрлат.

Новиот закон за извршување, со кој за должниците, особено за оние со недоволни приходи, се предвидени низа олеснувања се донесе на крајот на минатата година. Во февруари годинава почна примената и на новиот тарифник со кој се намалени надоместоците за извршителите.

Новиот закон за извршување, кој не им е по мерка на извршителите го поздрави Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на земјата.

Сепак, целокупните трошоци за извршување и должината на постапката сѐ уште попречуваат системот на извршување да биде ефикасен, се забележува во извештајот.

Во него има препорака Комората на извршителите и Министерството за правда да го подобрат следењето на активностите на извршителите.

(С.В.)