Рускиот пијанист Илја Максимов и неговата партнерка Јулија Коќубан од Полска вчеравечер во Св. Софија приредија извонредна музичка вечер со изведба на дела од различни композитори и различни музички стилови и на едно пијано.

Програмата на руско-полското Дуо пијано ја опфати „Сонатата за четирирачно пијано“ од Моцарт, „Малата свита“ од Дебиси, а ја изведоа и композицијата „Шест пиеси“ од Рахмањинов.

Максимов-Коќубан се првпат во Охрид и на фестивалот „Охридско лето“ и како што велат, иако прочитале за убавините со кои ќе се сретнат, сепак откако дошле, виделе дека градот е уште поубав кога ќе се посети.

“Ова е нашиот прв настап на „Охридско лето“. Бевме многу возбудени што доаѓаме бидејќи многу читавме за Охрид. И морам да кажам дека нашите очекувања беа многу пониски отколку реалноста. Ова место е восхитувачко.Кога првпат стапнавме во црквата „Света Софија“ ја почувствувавме таа прекрасна енергија и атмосфера“, изјави Максимов.

Иако настапуваат како Дуо пијано, Максимов и неговата животна и музичка партнерка, Коќубан зад себе имаат и самостојни музички кариери.

“Да се свири на едно пијано за четири раце е поразлично и има голема варијабилност на камерната музиката. Ние обично свириме посебно како пијано дуо и ова ни е прв концерт во странство на кој свириме со 4 раце. Но бидејќи сме венчани и го делиме животот, и свирењето е полесно со пијано за четири раце“, додаде младата пијанистка Јулија Коќубан.

Јулија Коќубан е една од водечките пијанистки на нејзината генерација. Нејзиниот деби-албум „Шуман, Шопен, Бацевич“ е оценет од музичката критика како еден од најинтересните полски деби албуми во последните години, а последното ЦД со клавирските концерти на Тансман и Бацевич е номинирано за највисоката наградата во полската музичка индустрија- „Фредерик“.

Илја Максимов е победник на интернационалниот натпревар „Ж. Б. Виоти“ во Италија. Неговиот широк репертоар ги покрива делата од раната класика па се’ до модерните композитори, а делата на руските композитори секогаш имаат посебно место во неговата концертна кариера.