Извонреден концерт со магични звуци за 75. роденден на Филхармонијата

260

Македонската филхармонија, на 24 ноември го заокружува своето 75-годишното постоење, а токму по повод овој значаен јубилеј, публиката во рамките на концертот насловен „Среќен роденден“, кој се одржа завчеравечер, имаше можност да ужива во моќната изведба на кинеската пијанистка Зи Зи, но и во делата на македонските композитори изведени од страна на филхармоничарите.

Под диригентската палка на Борјан Цанев, кој веќе 20 години е постојан диригент на Филхармонијата, присутните уживаа во концертната програма. Пијанистката Зи Зи на најдобар начин ја претстави музиката создадена од Брамс, а во вториот дел од изведбата низ салата прозвучеа и „Фантазија Корале“ од Зографски, со што беа одбележани и 85 години од неговото раѓање. Музичкото уживање продолжи и со варијациите на тема “Happy Birthday“, дело кое младиот Филип Иванов ги создаде годинава токму по повод 75. роденден на Филхармонијата, а кое имаше своја светска премиера.

 „Имав чест во ноември 2000 година да влезам во филхармониското семејство и како студент го имав мојот прв концерт со оркестарот! Квалитативното ниво на оркестарот има огромен развој и напредок во долгата временска дистанца. Сменети се неколку генерации кои оставиле силен печат, секој уметник на свој начин во развојот на институцијата за кои имам поклон до земја! Од денешна перспектива како вработени во институцијата имаме огромен благодат што имаме можност да твориме, креираме, работиме и концертираме во наш музички дом!“, вели директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески, потенцирајќи дека институцијата има поддршка од државата од секој аспект.

„На 75-годишното битисување сите уметници, вработени во администрацијата, продукциите и помошно техничкиот персонал може да бидеме среќни со функционирањето, реализацијата на програмата на институцијата во државата и горд сум на сите репрезентативни претставувања надвор од државата овие години! Се надевам дека ќе го оствариме планот, оваа година да го збогатиме нашето семејство со прием на нови членови – најдобрите млади уметници!“, додава Илиески.

Бурниот аплауз за изведбата на завчерашниот концерт беше доказ за квалитетот и на програмата и на изведбата на музичарите.