Извадени мебел, остатоци од животни, ѓубре… од главниот канал на хидросистемот „Брегалница“

32

Фрлените отпадоци, остатоци од мебел, остатоци од домашни животни, пластична амбалажа и друг вид ѓубре ја затнаа решетката на каналот пред подземниот тунел и сериозно го покачија нивото на водата во каналот

 

Граѓанска неодговорност предизвика опасност од излевање на водата од десниот магистрален канал на хидросистемот „Брегалница“ и од поплавување на куќите и на другите објекти кај Територијалната противпожарна единица во Кочани. Фрлените отпадоци, остатоци од мебел, остатоци од домашни животни, пластична амбалажа и друг вид ѓубре ја затнаа решетката на каналот пред подземниот тунел и сериозно го покачија нивото на водата во каналот.

Вработените во водостопанската подружница од Кочани со итна интервенција исчистија околу половина тон отпадоци и спречија да дојде до поголема катастрофа.

– При интервенцијата беа извадени големи количини ѓубре, главно најлони што го попречуваа нормалниот проток на водата, па нивото во каналот се качи до критичната точка. Ако не интервениравме навреме, за половина час ќе беа поплавени дел од објектите во кругот на противпожарната единица и куќите што се близу до каналот. Повеќепати апелираме до граѓаните да не фрлаат отпадоци, но како што може да се види, овде имаме извадено стари телевизори, најлони, ѓубре, остатоци од вегетацијата што се фрлаат од бавчите, од кроење на лозјата, сето тоа се фрла во каналот. Имаме решетка за да не го пропушта ѓубрето, но штом се насоберат отпадоци на неа, тоа претставува сериозен проблем – истакна Станче Стефанов од водостопанската подружница „Брегалница“.

Со максимална количина од околу десет кубни метри вода во секунда, која поради сезоната на наводнување е пуштена во каналот, лесно може да дојде до излевање, особено на критичните места каде што влегува тој под земја, а нив во Кочани ги има на неколку локации. Оттаму додаваат дека мобилните екипи досега успеваат за краток период да ги исчистат отпадоците, но ако се случи тоа во вечерните часови, опасноста од поплавување ќе биде реалност.

За ваквиот неодговорен однос на граѓаните веќе се известени надлежните инспекциски и полициски служби, за што ќе се бара преземање соодветни мерки и санкции против прекршителите.