Избришаните од евиденција ја намалија невработеноста во државата

77

Повторно расте бројот на невработени кои го изгубиле работното место поради кризата. По мартовската евиденција на Агенцијата за вработување за 16.716 работници одјавени од работен однос во периодот од 11 март лани до крајот на март оваа година, во април бројот на овие лица кои работеле, па останале без работа се качи на 17.005.

Но, според статистиката на Агенцијата, вкупниот број на пријавени невработени лица во април е намален. Ако во март на списокот имаше 145.372 невработени кои активно бараат работа, во април бројот е намален за околу 1.000, на 144.390. За околу 800 паднат е и бројотна пасивни баратели на работа, од 58.344 на 57.522.

Ова, сепак, не значи дека невработеноста се намалува. Падот на бројот на невработени е резултат начистењето на списокот на невработени кои не се пријавувале редовно, што Агенцијата го спроведуваше последниве месеци. Од тие причини од евиденцијата на невработени се избришани вкупно 48 илјади лица, од кои најголемиот број, околу 32 илјади се пасивни баратели на работа.

Од оние кои останале без работа во периодот на корона-кризата, почнувајќи од 11 март лани, најголемиот дел се со непродолжени договори за работа на определено време. Втора причина за останување без работа е спогодбен отказ.

Растот на невработеноста освен бришењето на лицата кои нередовно се пријавуваат во Агенцијата го спречува и петтиот пакет антикризни мерки со кој на компаниите во криза им се дава помош за исплата на плати за вработените, но под услов извесен период да не отпуштаат работници.

Од почетокот на годинава до крајот на април бројот на активни баратели на работа е намален за околу 14.000, Но, во споредба со ланскиот април е зголемен за околу 30.000.

(С.В.)