Изборен модел не се менува пред избори

15 пратеници од помалите партии го поднесоа предлог-законот пред повеќе од  еден месец, со оптимизам дека до изборите во април има време да биде и изгласан, и досега се одржа една јавна расправа, за таква можност не се ни дискутира. Изборите треба да се одржат на 12 април, а Собранието да се распушти на 12 февруари, односно на 60 дена пред нивното одржување

114

Откако ќе биде распуштен, Парламентот не треба да се свикува за евентуално ратификување на протоколот за членство во НАТО, ако во меѓувреме Шпанија избере Влада и го ратификува претседателот на Собранието Талат Џафери не го менува ставот во врска со свикувањето седница и смета дека нема пречки, ако ратификацијата во Шпанија се случи во изборниот период, кај нас да биде ратификуван по завршување на изборите и конституирање на новиот парламентарен состав.

Најновите информации, рече собранискиот спикер, говорат дека во Шпанија Владата би можела да биде формирана во наредниот период, а протоколот за членство на земјава во НАТО да биде ратификуван во јануари. Тоа, потенцира Џафери, остава простор во протоколот да биде ратификуван во Собранието на Република Северна Македонија пред  биде распуштено заради одржување на изборите.

Распуштен Парламент, вели, не може да се свика без оглед што мандатот на пратениците трае до избор на нови. По распуштањето, потенцира Џафери, не може и не би требало да се врати назад затоа што со Устав е пропишано во случај на потреба кој ги има надлежностите, а тоа е претседателот на државата до избор на нов парламентарен состав. Тоа, според него, се околности кои ги пропишува Уставот и не се предмет на толкување.

Џафери очекува на трети јануари да се одржи седницата за избор на техничка влада, а на 12 април да има избори, оти, како што вели засега нема никакви најави за одложување на изборите и очекува собранието да се распушти на 12 февруари.

Тој на брифинг со новинарите рече дека пред избори не е вистински момент за промена на изборниот модел. Предлогот на помалите партии за промена на изборниот модел ќе се најде пред пратениците, но не е прецизирано кога.

Мислам дека без општ консензус не би требало да се влезе во таков проект. Вообичаено такви проекти не се реализираат во последните месеци на работа на собранието затоа што промената изискува и соодветни промени во моделот и во активности на други институции. Во тој контекст, мислам дека не би требало да се влезе во измени, рече Џафери.

Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека е најдобро промената на изборниот модел во една изборна единица што ја иницираа помалите партии да се донесе со консензус од сите партии и таа да се применува за претстојните парламентарни избори. Сепак, според него, чекор напред ќе биде и да се постигне договор таквата промена да важи за следните избори.

– Изборно ветување на СДСМ е изборен модел со една изборна единица, сега на ред е Парламентот. Ако Парламентот преточи измени и дополнувања на Изборниот законик, сме ветиле на јавноста дека сме за една изборна единица, и како СДСМ ќе гласаме. Сакам да го направиме тоа сите, убаво е да се дефинира со консензус, значи и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и другите партии да застанат зад тоа што ќе го договориме, рече Заев.

Заев тогаш изрази уверување дека малите партии кои ги водат разговорите ќе направат сè што е до нив да ги седнат на маса сите партии и тие да го кажат својот став, како што вели, барем на работни состаноци.

–Тоа за мене е демократија. Една изборна единица значи дека најмногу губи СДСМ, па потоа губи ВМРО-ДПМНЕ, па ДУИ, барем според тоа како сме рангирани според резултатите на последните избори, но добива демократијата и помалите партии и се отстранува можноста за каков било авторитарен режим да се случува во иднина. Но, би бил на крајот задоволен ако договориме и вградиме во Изборниот законик дури и имплементација на нешто и од следните избори, но важно е да направиме чекор. Најдобро е да стартува уште сега, рече Заев.

15 пратеници од помалите партии го поднесоа предлог-законот пред повеќе од  еден месец, со оптимизам дека до изборите во април има време да биде и изгласан, но освен една јавна расправа, за таква можност не се ни дискутира.

Изборите треба да се одржат на 12 април, а Собранието да се распушти на 12 февруари, односно на 60 дена пред нивното одржување.