Идниот месец ќе се постави металниот костур на шаторот и ќе почне ископот на линданот

533

Ископот и поставувањето на темелите околу малата депонија во ОХИС се завршени. Работите траеја 50-ина дена и армирано-бетонските темели сега се цврста основа за да може веќе идниот месец да се постави металниот костур на шаторот во кој цело време ќе се работи на ископ на контаминираниот материјал со земја и на линданот.

На северниот ров каде што активностите граничат со големата депонија, спроведено е дополнително зацврстување на ѕидот на оваа депонија. Шаторот ќе ги запре сите честички што ќе се подигнат како прашина при ископот и ќе бидат вшмукувани со цел да не излезат надвор и да го контаминираат воздухот.

Подготвителните работи, но и главната фаза, односно ископот на линданот го врши грчката фирма „Полиеко“. Таа ќе го пакува линданот кој потоа безбедно ќе треба да се транспортира преку Солунското пристаниште до Франција и Холандија, каде што ќе се спроведе дополнително согорување или ремедијација на отпадните материи и почва.

Во целиот процес ќе се спроведува активно следење на состојбата на животната средина преку следење на квалитетот на изведбата, квалитетот на воздухот и следење на квалитетот на подземните води.