“Ние се подготвуваме да пречекаме милиони туристи и да ги спречиме да заминат во Шпанија или Грција”, рече Винченцо Де Лука, гувернер на регионот Кампанија. На Капри има 60 хотели, а властите се подготвени да организираат PCR тестирање за туристите за да можат да ги понесат резултатите со себе кога ќе го напуштат островот

 

Европа планира постепено да им се отвори на туристите по строгите мерки и ограничувања наметнати поради пандемијата на коронавирусот, а една од туристичките дестинации во Италија која е „ослободена“ од коронавирусот е идиличниот остров Капри.

Туризмот во Италија сочинува 13 проценти од БДП, а Капри е остров каде нема случаи на коронавирус. Тој е лоциран во Неаполскиот залив, а познат е по тоа што главно го посетуваат побогати туристи. Сепак, оваа година привлече големо внимание бидејќи властите успеаја да ги вакцинираат сите жители на островот.

“Ние се подготвуваме да пречекаме милиони туристи и да ги спречиме да заминат во Шпанија или Грција. Сега е клучно да не губиме време. Хотелскиот сектор мора да донесе одлуки, бидејќи во спротивно ќе ја изгубиме целата туристичка сезона”, рече Винченцо Де Лука, гувернер на регионот Кампанија.

Градоначалникот на Капри, Марино Ламо, за Си-Ен-Ен изјави дека скоро целото население од 15.000 жители ја примило првата доза на вакцината. До крајот на оваа недела сите туристички работници кои не живеат на островот, но редовно го посетуваат, ќе бидат вакцинирани.

На Капри има 60 хотели, а властите се подготвени да организираат PCR тестирање за туристите за да можат да ги понесат резултатите со себе кога ќе го напуштат островот.

Капри забележа пад од 70 проценти во туристичкиот сектор во 2020 година, поради пандемијата на коронавирусот. Сепак, властите веруваат дека островот има што да понуди дури и во време на задолжително социјално растојание благодарение на своите природни патеки за пешачење.

Претходно и италијанскиот остров Процида ја вакцинираше целата популација. Италија има околу 30 мали острови кои се релативно ненаселени, но кои се популарни меѓу туристите во текот на летото.

До 10 мај, 24 милиони вакцини биле искористени во Италија, но нешто повеќе од 12 проценти од населението биле целосно вакцинирани. Малку над 13 проценти од жителите постари од 80 години, како и 31 процент постари од 70 години, сè уште чекаат на првата вакцина.