Со него во Сакраменто играа Владе Дивац и Предраг Стојаковиќ, а сега Крис Вебер има нова работа. Наместо во кошарката, тој влезе во бизнисот со канабис. Создаде сопствен бренд за канабис наречен „Само играчи“.

Членот на Куќата на славните е еден од легендарните асови на Сакраменто кингс, а бизнисот го започна со Лавет Вилис и со поранешниот соиграч од Сакраменто, Џејсон Вилијамс. Тие ќе создадат посебен вид што ќе го нарекуваат „бело чоколадо“, по прекарот на познатиот плејмејкер.

И тоа не е сè. Вебер ќе работи и на специјални видови, кои ќе ги носат имињата на други познати личности како, на пример, на раперот Quavo, на раперот Raekwon, на поранешните НБА-играчи Мет Барнс и Стивен Џексон.

– Ова не е само бренд на канабис, тоа е бренд за животниот стил. Имаме единствена можност да го промениме наративот околу канабисот и да бидеме дел од новата индустрија. Возбудени сме што нудиме толку многу ново – рече Вебер.

Тој беше избран на драфтот во 1993 година како прв пик, но веднаш беше разменет во Голден стејт за Пени Хардавеј. Потоа се пресели во Вашингтон, а потоа мина седум сезони во Сакраменто и многумина најмногу го паметат од тој период. Играше и за Филаделфија и за Детроит. Тој беше петкратен ол-стар, а неговиот дрес со бројот 4 беше повлечен во Сакраменто.