Македонската фудбалска женска репрезентација пред повеќе од една недела ја забележа првата победа по пауза од осум години, откако на домашен терен славеше над Казахстан со 4:1. Сосема очекувано, најдобра на зелениот терен беше Наташа Андонова (25), која со два гола ги предводеше своите соиграчки кон триумф на овој меч.

Андонова веќе неколку години е при самиот врв на европската фудбалска сцена, а за тоа најдобро говорат престижните награди „Најдобра фудбалерка во Македонија“ (девет години по ред), како и 2010 година кога беше прогласена за „Најдобра во Европа“.

Со само 16 години ја започна својата интернационална кариера откако претходно играше за Тиквешанка и Борец, кога направи трансфер во Германија (Турбине), а потоа и во Шведска (Розенгард), па сè до потписи со гигантите на европскиот фудбал, ПСЖ и Барселона. Моментно настапува за шпански Леванте, тим кој сезонава исто така има високи амбиции. Тоа беше причина повеќе, дневниот весник „Вечер“ да направи интервју со македонската гордост која експлодира на зелениот терен кога и да се појави.

Која беше причината да ја промениш Барселона за Леванте?

Во мојата досегашна кариера добив шанса да играм за најдобрите клубови во Европа, Турбине во Германија, Розенгард во Шведска, ПСЖ во Франција… Сите овие клубови работат на највисоко ниво. Најважно од се ми беше да ја имам доволната минутажа на теренот поради која ќе можам да напредувам во фудбалот, а од друга страна ќе бидам среќна и исполнета. Токму тоа беше една од причините поради кои се преселив од Барселона во редовите на Леванте. Овој клуб има големи амбиции сезонава, а за тоа најдобро говори минатата сезона каде што го освоија третото место во домашното првенство. Исто така и сезонава сите очекуваме да бидеме на врвот или во најмала рака второ место во Шпанија, а со тоа и пласман во Лигата на шампиони.

Си играла во најсилните лиги во Европа… Кога би направила споредба, која лига е најквалитетна?

Шпанија ја сакав и како држава во која сакам да живеам и како лига во која би напредувала. Времето ми е „по мерка“, а исто така и луѓето се многу гостопримливи. Можам да кажам дека шпанскиот фудбал е во неверојатен подем, бидејќи можеш да загубиш од секој тим, без разлика дали е прв или последен на табелата. Тоа е добро за самата лига што има силна конкуренција, и притоа не си сам кога во прашање е фаворитската улога на теренот.

Какви се твоите очекувања кога ќе дојде време да играш против твојот поранешен клуб Барселона?

Секогаш кога играм против поранешните клубови, нормално, емоциите се поголеми, сакам да одиграм перфектно, да се покажам во најдобро светло… Токму на 3 ноември е натпреварот кој го чекам, дуелот против мојот поранешен клуб каде што на теренот ќе излезам со мотив повеќе. Интензивно тренирам и едвај го чекам тој меч, сепак не би знаела дали ќе ме совладаат емоциите ако постигнам погодок на тој меч.

Кој ја заслужува „Златната топка“ за 2019 година во машка конкуренција?

Хмм….Не знам, ме фативте во тесно. Конкуренцијата е голема, така што кој и да ја освои нема да биде незаслужено. Но, сметам дека Меси или Роналдо се во најтесната конкуренција за оваа престижна награда. Можеби ќе ве зачудам со ова што ќе ви го кажам, но иако играв за Барселона јас навивам за Реал Мадрид.

Со оглед на тоа дека поголем дел од годината го минуваш во Шпанија, што најмногу ти недостига од Македонија?

Јас веќе девет години сум надвор од Македонија, така што првите години премногу ми недостигаше оваа земја. Често пати знаеше да ме фати и носталгија, но времето си го прави своето. Најмногу ми недостасуваат моите најблиски, но сега можам да кажам дека друго ништо не ми недостасува.

Како ќе ја опишеш средбата со Лионел Меси, со оглед на тоа дека имаше можност одблиску да го запознаеш еден од најдобрите фудбалери на денешницата?

Тој е неверојатен фудбалер, добар како личност, како на зелениот терен така и надвор од стадионот. Секогаш кога и да нè видеше нас девојките, не поздравуваше. Бевме блиски, имавме тренинг на ист терен и секое утро имав чест да ги гледам како доаѓаат во тренинг комплексот. Исто така, пред да почне сезоната имавме заеднички тренинг со машкиот дел од тимот, така што пред и после секој тренинг имавме време да си позборуваме за сè што е поврзано со тимот. Тој е феномен во секоја смисла на зборот.

Дали условите кои ги имаш во Шпанија се реално достижни за македонскиот женски фудбал?

Искрено, кај нас не се вложува во женскиот фудбал. И во Шпанија не се вложуваше до пред две години, Барселона стана професионален тим во 2017, но сега е на нивото кое е потребно. За разлика од таму, кај нас во ниту еден клуб не се вложува, немаат ниту спонзори, ниту финансии, ниту ништо. Јас играв во македонската лига и знам како е, луѓето што го сакаат фудбалот макотрпно се борат за да дојдат до некакви финансии за да опстојуваат како клуб. Имаат минимални примања, народски кажано преживуваат, но со тие финансии во ниту еден случај не можеш да направиш професионален тим, каде што ќе имаш амбиции да играш Лига на шампиони, а не па да играш во големото финале. Мора многу повеќе да се вложува во женскиот фудбал, барем две до три екипи да бидат професионални, каде што секојдневно ќе се тренира, девојките ќе имаат редовна плата и воедно ќе им бидат достапни сите услови за работа. Токму тогаш, ние ќе можеме да направиме далеку подобра репрезентација и со помош од нас – интернационалките, ќе се бориме за некое големо натпреварување.

Дали можеме да очекуваме подобри времиња за женската репрезентација?

Секако дека да. Јас верувам во овој стручен штаб, верувам во девојките… Јас сум тука да им помогнам за сè што треба, тука е и селекторот и заедно како единка можеме да успееме. Со моите 25 години поминав многу во мојата кариера и секогаш ќе и бидам на располагање на репрезентацијата. Секогаш гледам позитивно на нештата и тука сум за што било. Се надевам и сигурна сум дека со оваа генерација можеме многу повеќе.

ФОТО: Петр Стојановски