Игравме без душа и мозок!

99

Бранителот на тронот, тимот на Јувентус, во 14. коло од италијанската Серија А, загуби два бода и тоа на домашен терен. Иако се очекуваше убедлива победа на „старата дама“, првенствената пресметка против екипата на Сасуоло заврши без победник (2:2), а за големиот кикс „најзаслужни“ се играчите од дефанзивната линија.

Јувентус стави крај на серијата од четири победи по ред, а шефот на стручниот штаб, Маурицио Сари призна дека не е задоволен ниту од конечниот резултат, ниту од играта на неговите избраници.

  • Им дадовме премногу простор. Разговарав со моите играчи по натпреварот, но тој разговор траеше само 30 секунди. Многу евтино ги губевме топките, игравме без мозок. Го немавме потребниот фокус. Нападите беа премногу спори, а средниот ред како и да не постоеше, изјави Сари.

Пред да биде постигнат вториот погодок на Сасуоло, голема грешка прво направи легендарниот италијански голман Џанлуиџи Буфон, а потоа и најскапиот дефанзивец на денешницата, Матијас де Лихт.

  • Тоа беше неверојатна серија од грешки, од лошо вратена топка, до другата грешка, кога со топка беше погоден фудбалерот на Сасуоло. Вакви ситуации се случуваат само кога не си доволно фокусиран. На мојот тим му недостасуваше душа и мозок. Реакцијата дојде на самиот крај од натпреварот, но тогаш веќе беше предоцна, додаде искусниот стручњак.

Најтрофејниот клуб во италијанската Серија А моментално е второпласиран со 36 освоени бода, еден помалку од новиот лидер на табелата, тимот на Интер. Веќе во следното коло „старата дама“ гостува во Рим каде ќе игра против третопласираниот тим на табелата, Лацио. „Светлосините“ од „Олимпико“ забележаа триумф на последните шест натпревари во домашниот шампионат.