Пејачка Ивона Јовановиќ, која се бореше со коронавирусот, успеа да го победи, па реши да излезе надвор и повторно да се чувствува прекрасно по месец дена седење дома. Таа воедно откри како оваа немилосрдна појава придонела да сфати дека животот е убав и дека треба да го живее со полна пареа, бидејќи најлошо нешто што на една личност може да и се случи е болеста.

Првото излегување на Ивона Ј. по нејзиното оздравување

– Со месеци чепкам во себе. Со месеци не се чувствувам убаво во своја кожа. Барав што се случува со мене. Не ми беше убаво да седам со луѓе. Не ми беше убаво кога не седам со луѓе. Не ми беше убаво ништо. Тотално ништо. Сè дури не се случи затворањето дома поради тоа што ми се појавија симптоми и бев позитивна на ковид-19. Ова мораше да ми се случи. Да  останам сама со себе скоро месец дена. Бурен живот живееме и немаме време да чепнеме што ни се случува таму внатре, открива Јовановиќ.

– Ми требаше време да бидам сама со себе за да сфатам дека животот ми е даден за да уживам. Барав и ќе барам што е тоа што се случува со мене, но морам да се поместам од место. Морам да престанам да стојам на едно место. Морам да се размрдам и да направам живот каков што отсекогаш сум сакала. Навистина ми беше тешко овие денови и недели. Имав такви тешки ноќи, со тешки симптоми, а уште потешки ноќи со психички епизоди. Благодарам на мајка ми, брат ми, татко ми, баба, дедо, тета и уште многу луѓе од фамилијата кои се грижеа за мене, додава таа.

Голема поддршка во тешките мигови покрај нејзината фамилија и биле и пријателите, особено пријателот Силјан со кого успеала да ги надмине последиците од немилосрдниот вирус и појава на панични напади.

– Огромна благодарност до пријателите, а ќе го издвојам Силјан кој секоја вечер ќе дојдеше во дворот, на 6 метри од мене за да зборуваме буквално како можеби Месечината денес повеќе свети од вчера сè со цел да ме одржува во свесна состојба. Да ми ги смири моите панични напади и да ми ја регулира анксиозноста. Никогаш нема да ти го заборавам ова, вели Ивона која додава:

– Благодарна сум што ова зло што и да беше, го победив и знам дека со причина дојде кај мене. Буквално и на универзумот му беше доста од повторувањето на моите грешки и чекање на нешто да падне од небо.  Дечки, јас сум надвор и сум добро! Чувајте се! (М.А.) / Фото: ФБ.