Зошто Македонија го нема македонското “Твоето лице звучи познато“?

257

Додека, на програмите на добар дел од поранешните југословенски телевизии (Србија, Хрватска и Словенија) со новата есенска сезона почна повторно да се емитува многу популарното тв-шоу “Твоето лице звучи познато“, кај нас во Македонија ни траг, ни глас од сето тоа. Ова навистина интересно шоу ја нема кај нас онаа својата домашна, македонска верзија, но затоа на ТВ Сител го гледаме секоја недела навечер само српското издание во кое настапуваат голем број популарни личности и од Македонија.
Во најновиот српски серијал повторно го гледаме и нашиот Даниел Кајмакоски, кој пред некоја година и победи, станувајќи така познат, сакан и баран на естрадата.

Дали за нашите телевизии, за нашите продукциски куќи, за нашите менаџери овој проект е прескап или преголем потфат кој бара премногу мачна работа за да се заработи, бара ангажман на голем број шминкери, стилисти, фризери, уметници….а, кои секако треба и дебело да се платат, тоа останува да биде енигма без одговор.
Шоуто на големо задоволство од неодамна се емитува и во Словенија (“Знан образ има свој глас“), и тоа нивното во нивната продукција. Па, така на словенечката телевизија во втората емисија најмногу симпатии освоила нивната словенечка пејачка Ана Дежман, која е ќерка на некогашната југословенска пејачка ѕвезда Елда Вилер. Ана одлично ја имитираше легендарната Тереза Кесовија со евергринот “Ноно, добар мој ноно“.

Српското издание кое има и хуманитарен карактер, влезе веќе во својата петта сезона, а наидува и понатаму на одличен прием и кај македонската тв-публика. Но, нашите гледачи се би дале од себе да можат да уживаат во имитациите на некои свои македонски ликови. Нив ги имаме бесконечно многу, како родени за овој тип на забавата.

Исто е и во Хрватска. И таму луѓето максимално уживаат забавувајќи се, пред се со хрватските лица кои им звучат познато. Не веруваме дека кај нас нема пари за овој тв проект, дека нема заинтересирани, дека не би било доволен број на учесници…..некако се си мислиме дека кај нас има само најмногу мрзеливост за еден ваков голем потфат кој бара многу, премногу деноноќна работа….дали чудото ќе се случи, па наместо увозното српското ќе го гледаме и македонското “Твоето лице звучи познато“? Впрочем, зошто само српското го гледаме кај нас во Макеоднија? Зошто не и хрватското и словенечкото, па да ги споредуваме, кое “Лице“ нам ни звучи попознато? Дуле М.