Се поголем број земји им нудат на граѓаните трета доза од вакцината. Зошто е ова потребно? Американскиот „Волстрит Журнал“ се обиде да објасни на примерот на Фајзер како функционираат вакцините и како се одредува нивната ефикасност.

Кога за првпат во светот беше претставена вакцината на Фајзер, нејзината ефикасност изнесуваше неверојатни 95%, што многумина ги охрабри да помислат дека е пронајден начин да се стави крај на пандемијата.

За жал, тоа сценарио не се оствари бидејќи недоволен број луѓе се вакцинираа, за да се остварат овие оптимистички предвидувања. Исто така, има случаи на реинфекција по примање на двете дози на вакцината Фајзер, кои ја доведуваат во прашање нејзината ефикасност.

Најновото истражување спроведено во Израел, чија популација е во голем процент целосно вакцинирана со оваа вакцина, покажа ефикасност на оваа вакцина од 40,5 проценти.

Се поставува прашањето, зошто првичното истражување покажа толку висок процент на заштита?

Ако ги споредиме овие два процента, од 95% и 40,5%, разликата е огромна но ни едниот ни другиот не претставуваат реален ефект од вакцинацијата со Фајзер. За да се сфати огромната разлика меѓу овие две бројки, потребно е да се раздвојат поимите ефикасност и ефективност на вакцината, пишува „Волстрит Журнал“.

Што е ефикасност?

Ефикасност на вакцината подразбира нејзин ефект во идеални, строго контролирани услови. Вакцините се инјектирани на ограничен број пациенти и следен е начинот на кој тие делуваат на ширењето на вирусот.

„Истражувањата се спроведуваат на основа на тоа колку луѓе и со која брзина се заразуваат во отсуство на вакцина. Многу зависи и од самата заразена личност, односно колку добро или лошо нечиј организам се бори со присуството на вирусот, важно е како организмот реагира на вакцината, дали создава имунолошки одговор или нe“, вели Лиза Ли.

Во третата фаза на испитување на вакцината Фајзер учествувале 43.448 луѓе, од кои 170 имале симптоми на ковид. Само осуммина примиле вакцина, додека 162 примиле плацебо.

Ова истражување недвосмислено покажало дека ефикасноста на вакцината е 95%. Таа ефикасност значи дека вакцинираниот ќе биде заштитен од ковид во споменатиот процес.

Многу луѓе на почетокот на пандемијата се изолираа, го намалија движењето на минимум и носеа маски, а тоа помогна вирусот да не мутира премногу.

Што е ефективност?

Ефективноста покажува колку навистина вакцината делува во реалниот свет, надвор од клиничките тестирања.

„Знаете како функционираат работите кога станува збор за масовна примена, во овој случај имунизација. Сите не стигнаа на време да примат втора доза, имуниот систем се разликува од човек до човек“, вели Лиза Ли.

91,4 проценти од вакцинираните нема да имаат тешка форма на болеста

Иако процентот на ефикасноста на Фајзер вакцината опадна, истражувањата покажаа дека 91,4% од вакцинираните нема да имаат тежок облик на болеста и ќе избегнат хоспитализација. Експертите се сложни во едно: покрај вакцинација неопходно е носењето маски и социјална дистанца за да се спречи ширење на вирусот и понатамошни мутации.