Зошто владите го забрануваат ТикТок?

521

Холандската влада е последната во серијата која им нареди на своите службеници да ја отстранат апликацијата ТикТок (TikTok) во кинеска сопственост од официјалните телефони.

Холандското Министерство за внатрешни работи предупреди дека на телефоните што ги користи владата ја обесхрабрува употребата на сите апликации од „земјите со агресивна сајбер програма насочена против Холандија и холандските интереси“.

Еве што треба да знаете за TikTok и зошто земјите ја ограничуваат неговата употреба.

Што е TikTok и колку е популарна апликацијата?

TikTok е апликација за социјални медиуми посветена на кратки видеа, со повеќе од милијарда активни корисници во 150 земји. Само во САД, повеќе од 150 милиони луѓе ја користат апликацијата, тврди извршниот директор на компанијата.

За споредба, Facebook има речиси три милијарди активни корисници, додека Instagram има повеќе од 1,2 милијарди.

Зошто земјите го доведуваат во прашање TikTok?

Загриженоста за наводните безбедносни ризици предизвикани од TikTok беа истакнати од американските законодавци и претставниците на националната безбедност кои велат дека кинеската влада може да пристапи до податоците на корисниците собрани од апликацијата.

Повиците за забрана на TikTok на владините уреди добија на интензитет откако директорот на ФБИ, Кристофер Вреј, во ноември изјави дека тоа претставува ризик за националната безбедност.

Вреј рече пред Комитетот за разузнавање на Сенатот во март дека кинеската влада може да го користи TikTok за да го контролира софтверот на милиони уреди и да поттикне наративи за да ги поделат Американците околу Тајван или други прашања.

Апликацијата првпат се најде на удар во 2020 година, за време на администрацијата на Доналд Трамп, која се обиде да ја забрани апликацијата за кратки видеа во продавниците за апликации во САД и да ја исклучи од виталните технолошки услуги.

Кои земји го ограничуваат TikTok?

Во февруари, Белата куќа им даде на федералните агенции еден месец да ја отстранат апликацијата од сите уреди во сопственост на владата. Претходно овој месец, администрацијата на Џо Бајден поддржа двопартиски нацрт-закон со кој на Вашингтон ќе му се даде овластување да го забрани TikTok во САД.

Неколку држави, вклучувајќи ги Висконсин и Северна Каролина, ја забранија употребата на TikTok на уредите издадени од владата.

Во февруари, Канада, исто така, ја забрани употребата на апликацијата на уреди издадени од владата. Канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека се надева оти Канаѓаните, од компании до приватни лица, „ќе размислат за безбедноста на сопствените податоци и можеби ќе донесат некои одлуки“.

Слични чекори презедоа и Данска, Белгија, Индија, Тајван и неколку институции на Европската унија, како што е Европскиот парламент.

Јордан ја забрани апликацијата во декември 2022 година, наведувајќи го неуспехот на TikTok да ги отстрани објавите што „поттикнуваат насилство и хаос“ по протестите во земјата.

Во 2019 година, Индија и Пакистан го забранија поради „морални прашања“, а и двете забрани беа поништени по некое време. Индија повторно ја забрани апликацијата во јуни 2020 година, бидејќи ескалираа тензиите меѓу Кина и Индија.

Што вели TikTok?

Извршниот директор на TikTok, Шоу Зи Чев треба да сведочи пред Конгресот на САД во четврток. Во писмената изјава, која беше објавена до американскиот Конгрес пред неговото сведочење, тој рече дека компанијата никогаш досега и никогаш отсега нема да ги сподели податоците на американските корисници со кинеската влада.

Тој вели дека матичната компанија на TikTok, ByteDance, не е во сопственост или контролирана од ниту една влада или владина агенција. Според него, 60 отсто од ByteDance се во сопственост на глобални институционални инвеститори, вклучувајќи ги Blackrock, General Atlantic и Sequoia, околу 20 отсто се во сопственост на основачот на компанијата, а околу 20 отсто се во сопственост на нејзините вработени „вклучувајќи илјадници Американци“.